Општина Карпош преплавена од градинарски отпад

188

Енормно зголемено количество градинарски отпад е одложен на јавните површини во скопската општина Карпош.

Од јавното претпријатие Комунала Хигиена информираат дека ваквиот отпад најчесто го наоѓаат во непосредна близина на контејнерите со зафатнина од 1,1 м3 и 3,2 кубни метри, што како што велат резултира со секојдневно создавање диви депонии коишто директно влијаат врз загадувањето на животната околина во општината.

Само во текот на мај, екипите на ЈП Комунална Хигиена отстраниле вкупно 150 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на општината Карпош, составени претежно од градинарски отпад.

-Воедно, комуналниот отпад од колективните домувања којшто жителите на оваа скопска општина го одлагаат во контејнерите поставени на јавни површини се собира и транспортира без никаков застој, во согласност со динамиката утврдена со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад – соопштија од претпријатието.

Оттаму додаваат дека континуирано ја одржуваат хигиената на
близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на Градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење.

– Се спроведува машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини: улицата „Македонија“, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади: „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, „Камениот мост“, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, кејот „13 Ноември“, како и Старата скопска чаршија – наведуваат од ЈП Комунална Хигиена.

При тоа, истакнуваат дека и понатаму продолжуваат на граѓаните да им ја нудат можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да ги одложат без плаќање на надоместок во центрите за селекција во Карпош, секој ден во неделата, од 9 до 19 часот.

На бесплатниот телефонски број 0800 222 33 корисниците може да ја
нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови со специјалните возила на ЈП Комунална Хигиена, што се наплатува согласно однапред утврден ценовник, објавен на веб-страницата на претпријатието.