Нормализирано е водоснабдувањето во високите зони, браната прелева

104

Нормализирано е водоснабдувањето во високите зони во Куманово, информираа надлежните од ЈП„Водовод“ и од АД Водостопанство „Кумановско липковско поле“.

Проблемот го надминале екипите на АД Водостопанство „Кумановско липковско поле“ кои го отстраниле дефектот.

Граѓаните од приградските населби: Карпош, Иго Тричковиќ, Ајдучка чешма, Јане Сандански, Перо Чичо, Железничка станица и населба Черкезе, како и горниот дел од улица „Бајрам Шабани“ и околните улици кои гравитираат околу неа имаа проблеми со водоснабдувањето и реагираа, барајќи да се надмине горливиот проблем поради жештините.

– Нормализирано е водоснабдувањето во високите зони, проблем кој настана од намален доток на вода до филтер-станица поради дефект и беше затворен „бајпасот“.  Има 370 литри вода во секунда во целата мрежа, така што и зоните во населбите имаат редовно водоснабдување – изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Тој апелираше да не се полеваат бавчи, да не се мијат автомобили, да не се полнат базени и водата рационално да се користи.

И директорот на АД Водостопанство „Кумановско липковско поле“ Оливер Илиевски, кажа дека е надминат дефектот кој се случил пред викендот.

– Екипите напорно работеа, имаше проблеми на две места. Надминат  е проблемот. Воедно, да потенцирам дека браната прелева и исполнет е целосно капацитетот кој е на двете брани. Вода ќе има доволно за сите и за граѓаните и за земјоделците – изјави Илиевски.

Вкупниот капацитет на браната Липково е 1.400.000 кубни метри, додека на браната Глажња е 24 милиони кубни метри вода.