Кој ќе стопанисува со паркингот на Клинички?

61

– Се разбира дека фирма што нема бонитет, што нема кредибилитет и технички карактеристики, нема да биде избрана и тука завршува сето тоа – дециден е премиерот Христијан Мицкоски.

Од партијата Левица велат дека министерот за здравство, Арбен Таравари, го приватизира јавниот паркинг, лобирајќи албанска компанија да стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар во Скопје. Тие откриваат дека оваа компанија е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде што се споменува и политичка корупција. Таравари вчера образложи дека ќе биде потпишан договорот со компанијата „Ѓока констракшн“ доколку помине уште неколку филтри по првичната помината процедура. Тој истакна дека е подготвен и да го поништи тендерот доколку не ѝ се допаѓа понудата на јавноста и има укажувања од Владата за пропусти. Притоа, информираше дека понудената цена за паркирање е 50 денари за час, која, според него, е пристојна

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска негираше дека Владата донела одлука со паркингот во Клиничкиот центар да стопанисува градежната компанија „Ѓока констракшн“ од Албанија, иако оваа информација од четвртокот кружи во медиумите и ја разбранува јавноста, а за БИРН ја потврдил министерот за здравство, Арбен Таравари.

– Ако барате начин да ја напаѓате Владата за нешто што не се случило, тогаш може и да измислуваме работи, но јас ви кажувам дека Владата нема донесено таква одлука. А, што ќе земеме предвид? Предвид се зема тендерската документација и се разбира дека фирма што нема бонитет, што нема кредибилитет и технички карактеристики, нема да биде избрана и тука завршува сето тоа. Бидете сигурни дека јас разбирам дека има потреба од сензација, напад на Владата итн., но оваа Влада работи поинаку од досега, односно одлуките што ги носи оваа Влада се исклучиво во интерес на јавноста – истакна вчера премиерот.

Политичката партија Левица денеска го критикуваше изборот на албанската фирма „Ѓока констракшн“, која ќе стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, нарекувајќи го скандалозен.

Од партијата велат дека министерот за здравство, Арбен Таравари, го приватизира јавниот паркинг, лобирајќи албанска компанија да стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар во Скопје, преку јавно-приватно партнерство, во траење од 20 години.

– Со ова, Таравари стана епитет за политичка корупција, кој одработува за контроверзна фирма од странство. Со ваквиот енормно штетен договор со фирмата „Ѓока констракшн“, целиот приход ќе оди за компанијата, додека за државата ќе остане само 1 % – нагласуваат од Левица.

Тие откриваат дека оваа компанија е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде што се споменува и политичка корупција.

– Градежната компанија „Ѓока констракшн“ била инволвирана во скандал поврзан со изградба на тунели, кои се урнале поради работа со неквалитетни материјали. Дополнително, се споменува и дека оваа албанска компанија била дел од лобирање кај политичари од Албанија! Скандалозно е што државата нема 10 милиони евра да инвестира во паркинг во Клиничкиот центар, додека власта се задолжува со 500 милиони евра за предизборен поткуп на локалните избори – обвинуваат од Левица.

Оттаму додаваат дека, како партија, претходно поднеле амандман кон буџетот за 2025 година со кој ќе се финансирала изградба на јавен паркинг, но бил одбиен од ВМРО- ДПМНЕ, „Вреди“ и од ЗНАМ.

Од Левица јавно го прашуваат министерот Таравари колку провизија добил од контроверзната албанска компанија за, како што велат, пациентите да плаќаат повисоки цени за паркинг.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера образложи дека ќе биде потпишан договорот со компанијата „Ѓока констракшн“ доколку помине уште неколку филтри по првичната помината процедура.

Тој истакна дека е подготвен и да го поништи тендерот доколку не ѝ се допаѓа понудата на јавноста и има укажувања од Владата за пропусти.

– Договорот не е потпишан. Паркингот во Клиничкиот центар секогаш создава многу нервоза. Ако ми кажат за понудата, еве слушам, секогаш многу ми значи што ќе каже јавноста, дека не е во ред нешто, пуштено е и во Владата, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, тогаш ќе го поништиме тендерот, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година – одговори Таравари на новинарско прашање, при посетата на Клиниката за инфективни болести.

Тој појасни дека рокот за стопанисување со паркингот не е 20 години, како што е предвидено со физибилити студијата, туку во тендерот имало услов за понудувачот да го користи паркингот додека е Клиничкиот центар на таа локација, а тоа, како што наведе, нема да биде повеќе од седум до десет години.

– Според физибилити студијата, предвидено е стопанисувањето да биде во рок од 20 години, но во меѓувреме имаме одлука дека може да се користи паркингот додека е Клиничкиот центар тука. Јас лично сметам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од седум до десет години. Затоа интересот на компаниите беше многу мал. Од проектната единица ме известија дека е помината процедурата и има одредени филтри што треба да поминат во Владата. Ако поминат – во ред, а ако не поминат – повторно ќе објавиме тендер – изјави Таравари.

Тој информираше дека понудената цена за паркирање е 50 денари за час, која, според него, е пристојна.

– Најдобро е да биде нула денари, но ако најдете таков понудувач што ќе обезбеди плус 600 денари и нема да наплаќа ништо, би било идеално. Но, не е некоја цена што е многу висока. Во Скопје има места со 100, 150 денари за паркинг, така што мислам дека 50 денари е пристојна – нагласи Таравари.

Приватниот партнер треба да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг во Клиничкиот центар, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупно остварените годишни приходи.

Како што информираше Таравари, рокот за изградба на мотажните катни гаражи, доколку биде потпишан договорот, е шест месеци до една година. Според проценката на Министерството за здравство, инвестицијата би го чинела концесионерот нешто над десет милиони евра.

Владата, на седница на 20 август минатата година, донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар со јавно-приватно партнерство и формираше комисија за спроведување на постапката.

Во моментов, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ има 800 паркинг-места, а со двете катни гаражи би се добиле уште 800-900.

Инаку, албанската фирма „Ѓока констракшн“, која е избрана да стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар, во моментов работи на изградба на автопатот што треба да го поврзе Дебар со Тирана. Покрај со градежништво, семејството Ѓока има и компании поврзани со енергетскиот бизнис.

Сега, со паркингот во Клиничкиот центар стопанисува ЈП „Градски паркинг“.

(А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ