Секторот за комунални работи инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина и природата во Општина Куманово, на последната седница на Советот препорача мерки за намалување на загаденоста на воздухот.
Причината е надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, (два последователни дена 25 и 26.11.2024 година со среднодневни концентрации над 100 µg/m3), согласно добиениот акцискиот план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари, 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата на РСМ од триесет и трета седница.
Меѓу препорачаните мерки се: да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, правилно да се користат печките за дрва и строга забрана на горење на отворено.
Од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, пак, ги даваат следните препораки поради надминување на прагот на информирање: ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го прават на отворен простор.