Сезоната на пивото и пивопијците е во ек. Пивото, во некоја дебела ладовинка, тече во потоци, пивопијците си дојдоа “на своето” барем до следното утро, кога со бистра глава, со лесен чекор  и со волја треба да се тргне во секојдневните обврски. Но тоа не е секогаш лесно бидејќи по пивските “теревенки” знае многу да боли глава, нозете се тешки… Како и да е, без разлика на последиците, во летните горештини пивото е најконсумиран пијалак во светот.

Според легендата, пирамидите, Кинескиот ѕид, висечките градини на Вавилон, Ајфеловата кула и Емпајр стејт билдинг имаат нешто заедничко: сите нив ги граделе консументите на пиво. Изразот “ѕидарско пиво” практично имал услови да се создаде уште пред неколку илјади години. Во тоа време некојси просветен Сумер (денешен Иранец) се сетил дека од остатоците на трпезата, со едноставен процес на ферментација, може да се добие пијалак со висок степен на хранливост. Сумерскиот “сикару” е правен од колачиња од леб кои се потопувале во чинии од земја и се оставале да ферментираат. По одредено време обично  се додавало мед или урми, а потоа сите домашни се собирале околу врчвата и најчесто на сламка – за да се избегнат трошките – уживале во првиот официјален предок на денешното пиво, најраспространетиот и веројатно најпопуларен алкохолен пијалак во светот.

Вавилонците први почнале да се занимаваат со масовно производство на пиво надвор од домашните работилници, го унапредиле процесот и ја прошириле понудата, така што и во тоа време биле достапни околу 20 различни видови. Тогаш се појавиле и првите казни за несовесните потрошувачи: осудувани биле на давење во сопствениот производ.

Римските богови, пак, биле сосема поинаку настроени, па така пивото не само што не исчезнало туку се проширило во цела Европа, фаќајќи корени секаде каде што ќе се појавело. Веднаш го прифатиле Германите, Франците и Викинзите, а овие последните го негувале култот кон пивото така што се подразбирало заминување во вечниот рај во друштво со барем едно буре пиво. Сакале исто така да го облагородат со разни вкусови, од рибизла до жито, лук, а ако немало ништо околу морето, биле доволни и клештите на раковите. Затоа не е ни малку необично што некои од најславните и најдобри пива на светот потекнуваат токму од Данска.

Откритието на благотворното и богато дејство на хмељот е откриено во средниот век, благодарение на истражувачката страст на калуѓерите во периодот кога масовното производство на пиво во најголем дел го презеле манастирите. Од тоа време потекнува и обичајот бурињата да се обележуваат со крстови, како ознака за јачината. Важно е да се каже дека сe до 15 век комплетното производство на пиво го опфаќало одреден подвид наречен ејл. Со тој израз во последните неколку стотици години се означува младо, јако пиво, кое се добива со површинска ферментација на квасецот.

Во 1516 година во Германија е донесен најважниот закон во историјата на пивото, со кој се регулирани сите барања во однос на чистотата, трајноста и содржината. Познат е како Реинхетсгебот и, со минимални модификации, во сила е и денес. Во 19 век Германците вовеле октомвриски свечености наречени Октоберфест, чија централна манифестација е токму пиењето огромни количества пиво. Тогаш е установен и моделот на германската келнерка, која не може да сонува за оваа работа доколку не е во состојба во секоја рака да држи истовремено четири кригли од по литар пиво.

Останатите клучни моменти во историјата на пивото ја вклучуваат појавата на познатиот подвид пилснер (тип лагер, пивко, со златна боја, со средна јачина, со помал процент на хмељ), во Плзењ 1842 година. Деветнаесеттиот век донесе уште неколку вредни поместувања, пред сè со откривањето на првиот масовно употребуван предок на денешниот фрижидер (1860) и на пастеризацијата, со што е решен проблемот на транспортот и на чувањето.

Процесот кој во 1876 година го усовршил Луј Пастер прво бил применет на пивото, полни 20 години пред да биде испробан на млекото.

Културата на пиење пиво го нема оној вид на романтика што ја поседуваат виното, шампањското или вискито. Пивото воопшто се смета за банален пијалак со самото тоа што е релативно евтино и достапно на сите. Од друга страна, пак, ниеден друг пијалак го нема тој вид блискост која со леснотија  ги доведува на исто рамниште различните луѓе. Секако, нема да нарачате пиво со остриги во некој отмен ресторан, но на сите други места, особено лете, тоа е логичен избор.

Без сомнение, пивото е најдемократско и во смисла на стилот, најдостапно е од сите алкохолни пијалаци, а неговото консумирање е сосем неоптоварувачко и крајно релаксирачко. Секако, доколку не се претера, за што буквално треба да се има мев. Кај пивото тешко може да помине максимата “пиј малку, пиј добро”, што ги одбива љубителите на дискретно и поделикатно уживање во алкохолот, но затоа пак огромен број на останатите неодоливо ги привлекува.

Како се создава пивото?

Што сè е потребно за да се случи жито потопено во вода да се претвори во најпопуларен пијалак во светот? Навидум, ништо посебно.

Но магијата всушност е во едноставноста. За класичното пиво се потребни – сè на сè – четири основни елементи: јачмен, вода, хмељ и квасец.

Процесот започнува со производство на слад – клучна компонента за правење на пивото. Се добива кога јачменот ќе се потопи во вода и ќе се пушти да отстои неколку дена, да изрти, а потоа се суши во посебни печки. Така се ослободува шеќерот, кој на зрната им дава не само елемент на сладникавост туку и на крцкавост.

Друго важно растение е хмељот. Неговата основна намена е додавање на горчлива компонента на вкусот, за да се обезбеди баланс меѓу сладникавоста и пивото конечно да добие богато и заокружено буке. Необично важен елемент, според природата на нештата – бидејќи го содржи 90 отсто од пивото, секако е водата. Во стари времиња, кога се користела само вода од природата, некои производители репутацијата во голем дел ја граделе на фактот дека нивната вода поседува исклучителни особини.

Но пивото не би постоело доколку нема квасец, едноклеточна габа која предизвикува ферментација. До пред неколку стотици години неговата функција била непозната и мешавината на слад и на вода се оставала спонтано да ферментира.

Со оглед на тоа што невидливите спори на квасецот доаѓале во мешавината директно од воздухот, на ова “чудо” му  се припишувале магиски причнини.

Вкус, мирис, меурчиња…

Првата средба со пивото секако е визуелна. Ако не се смета на пакувањето, кое во суровите услови на современиот маркетинг игра сè поважна улога, изгледот на пивото мора да биде приспособен на неговиот вид. Бојата сама по себе нема врска со јачината нити пак со квалитетот: златно, светло пиво понекогаш е многу појако од густото и црно.

Палетата на боите со кои се опишува пивото е: бледа, златна, амбер, бакарна, црвена, кафеава и црна.

Мирисот е исклучително важна компонента за општиот карактер и привлечноста на пивото. Богатата, раскошна арома (гролш, амбер ејл се добар пример)  може да ве привлече кон некое пиво уште пред да го пробате.

Хмељот има значаен придонес во формирањето на букето: особено е значаен моментот кога тој се додава. Гамата на аромите кои се врзуваат со хмељот се движат од растителни и иглолисни, преку цветни и зачински, до парфимирани.

Се препорачува – слично како и при  испитувањето и интензивирањето на букето на виното – да се издишува воздух на нос додека голтката пиво, што претходно сте ја задржале во устата неколку секунди, се лизга низ грлото.

Задржувањето ќе овозможи уште посилно и попрецизно чувство бидејќи , како што е познато, сензорите за препознавање на горчливиот, солениот и киселиот вкус се наоѓаат во различни делови на јазикот.