21-годишната планинарка Ивона која загина во пожарот е ќерка на единствената пожарникарка во Кочани

252

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу 59-те жртви, загина и дваесет и едногодишната Ивона Антова. Била единица, а нејзините родители биле пожарникари во кочанската доброволна противпожарна единица.

Таткото на Ивона, Тоше, е пожарникар, а нејзината мајка Стојка е единствената жена пожарникарка во противпожарната служба во овој град.

Доброволното противпожарно друштво во Кочани неодамна раскажа дека ноќта на 16 март биле во целосна подготвеност. И покрај сите околности, десетина нивни членови со две возила скокнале во огнот, волонтерски, а сцените кои ги затекнале вечно ќе им бидат врежани во сеќавањата.

„Секој од нас загуби по некој близок, познаник, пријател, другар а нашите членови, сопружниците Тоше и Стојка го загубија најмилото – ќерката единец Ивона. Изразуваме искрено сочувство во ови болни и тешки моменти за сите жртви и оние кои се борат за живот. Вечна им слава!“, напишаа од Доброволното противпожарно друштво во Кочани.

И мајката на Ивона се прости од својата единствена ќерка со трогателна објава на Фејсбук.

„Тешко е… тешко… премногу тешко без тебе, златото наше, нашето единствено, мило дете, нашата убавина, мајчиното око…“, напиша мајката покрај фотографиите на Ивона.

Претходно и Федерацијата на планинските спортови на Македонија (ФПСМ) изрази најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви од катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани. Од Федерацијата по пожарот известија дека во големата трагедија животот го загубија и младите планинари Ѓорѓи Величков и Ивона Антова.

Планинарите велат дека Ивона била ведро дете, секогаш насмеано, и зрачела со позитивна енергија. Пасијата кон планината ја наследила од родителите.

ИЗДВОЕНИ