Средбата се случува во периодот кога дел од Православните цркви го прифатија Томосот на СПЦ но дел сè уште не и сметаат дека Вселенската патријаршија е таа која треба да го издаде конечниот Томос за автокефалност. Околу тоа постои и поделеност кај македонските владици. Аналитичарите укажуваат дека МПЦ-ОА треба посилно да ги изнесува своите аргументи со кои ќе укаже на неоправданоста на барањата на ВП. Така, барањето на ВП да ја преземе македонската црковна дијаспора е во спротивност на заклучоците на Сеправославниот собор одржан на Крит во 2016 година, на кој е усвоен поинаков концепт на меѓуепископски конференции, со управувањето со епархиите на разни православни цркви на одредени континенти. Во однос на барањето на ВП за единствената употреба на името „Охридска архиепископија“, македонските владици изјавуваа дека нема да се откажат од правото на внатрешната употреба на уставното има МПЦ-ОА
Македонскиот архиепископ г.г. Стефан утревечер заедно со српскиот патријарх Порфириј, ќе пристигне на свечена академија во Скопје, на која ќе се одбележи Свети Сава, националниот празник на српската заедница во Македонија. Организаторите на чествувањето соопштија дека на Светосавска академија во МНТ, покрај патријархот ќе присуствуваат и претседателите на Собранијата на Црна Гора и Република Српска, како и други претставници од српската политичка сцена.
-Оваа година на одбележувањето на Свети Сава ќе присуствува и патријархот на Српската православна црква, Порфириј, кој ќе биде гостин на Македонската православна црква. На Светосавската академија патријархот ќе пристигне заедно со архиепископот Стефан. Ќе имаме можност двајца црковни великодостојници да ја уважат академијата и да го уважат денот и на некој начин да го заокружат процесот што го почнавме уште во 2007 година со прослава на националните празници во земјава – изјави вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Според него, ова е порака на помирување на регионот и соработка, која ќе наиде на позитивен однос од целата македонска јавност.
Организаторите не соопштуваат дали пред или по Свечената академија се предвидени средби на претставници на двете цркви и кои би биле темите на разговорите. Во јуни годинава ќе се навршат три години откако СПЦ го издаде Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА, но процесот на признавањето на македонската автокефалност сè уште не е завршен. Во Томосот на СПЦ е наведено дека ова црква „не е единствен фактор на автокефалноста туку дека тоа е полнотата на Православната црква, поради што е потребно прифаќање од страна на другите православни цркви“.
Дел од Православните цркви го прифатија Томосот на СПЦ, но дел сметаат дека Вселенската патријаршија е таа која треба да го издаде конечниот Томос за автокефалност. Но, преговорите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија се во застој откако македонските црковни достоинственици соопштија дека Константинополската патријаршија поставува неприфатливи услови врзани за отстапување на црковната дијаспора, целосна употреба на името Охридска архиепископија и признавање на Православната црква на Украина на која Вселенската патријаршија и ја призна самостојноста.
Од овие причини, контактите на македонските црковни достоинственици со Вселенската патријаршија се проретчени и со неизвесност дали во блиска иднина може да доведат до конкретен резултат.
Аналитичарите укажуваат дека МПЦ-ОА треба посилно да ги изнесува своите аргументи со кои ќе укаже на неоправданоста на барањата на ВП. Така, барањето на ВП да ја преземе македонската црковна дијаспора е во спротивност на заклучоците на Сеправославниот собор одржан на Крит во 2016 година на кој е усвоен поинаков концепт на меѓуепископски конференции со управувањето со епархиите на разни православни цркви на одредени континенти. Во однос на барањето на ВП за единствената употреба на името „Охридска архиепископија“ македонските владици изјавуваа дека нема да се откажат од правото на внатрешната употреба на уставното има МПЦ-ОА. Се укажува и на тоа дека барањето на ВП нашата црква да ја признае автокефалноста на Православната црква на Украина е неоправдано бидејќи признавањето на некоја православна црква досега никогаш не било услов со кој ВП досега признала нечија црковна самостојност. Но, и покрај ова, проблемите со ВП остануваат, а што предизвикува и поделби во врвот на МПЦ-ОА на дел од владиците кои сметате дека прашањето на нашата автокефалност е завршено со добивањето на Томосот од СПЦ и на дел од митрополитите кои укажуваат дека потребен е и Томос од ВП бидејќи, како што тие изјавуваат, „цело е кога има сè“.
Истовремено, аналитичарите укажуваат дека е важно каков став ќе имаат македонските владици во однос на настојувањата на Руската и на Српската православна црква за намалување на ингеренциите на Вселенскиот патријарх во однос на давањето на томоси за автокефалност. (Б.Ѓ.)