ТРАГЕДИЈА, бол и тага ја потресе Македонија:Се слушаа пискотници, крв течеше на сите страни

178

 

Музафер Зибери заедно со неговиот син први пристигнале кај превртениот автобус и со нивните автомобили почнале да ги транспортираат повредените во болницата ” 8 Септември”. “Да не се повтори никогаш. Беше ужасно. Автобусот беше превртен на кров, а однатре се слушаа пискотници. Крв течеше на сите страни. Во мојот автомобил ставив шестмина од повредените. Меѓу нив беше и возачот на автобусот кој беше во полусвесна состојба. Сите ги однесов во болницата.”-раскажува тој

 

Ден по несреќата кај селото Ласкарци, каде што вчера попладнето се преврте автобус на транспортното претпријатие “Дурмо турс” од Гостивар, во која загинаа 14 лица, а други 40-ина беа потешко повредени, атмосферата е морничава и студена. Автобусот, кој е речиси целосно смачкан, до попладнето  беше на нивата каде што вчера паднал од автопатот. До него беа и двата багери со кои  се спасувале повредените.

Остатоци од личните работи на патниците расфрлани наоколу, траги од крв, искршени стакла, уништена метална ограда надвисната покрај автопатот, беа неми сведоци на една од најголемите сообраќајни несреќи што и се случи на Македонија. За разлика од вчера каде што вриеше како во кошница, денес  таму беа само службени лица и љубопитни граѓани. Местото на трагедијата и натаму беше опколено со полициска лента. Многубројни полициски екипи и обвинител вршеа увид.

Нивното внимание беше сконцентрирано на автопатот кој води кон Тетово. Се анализираше речиси секоја педа на автопатот од каде што најверојатно се претпоставува дека се случил некој проблем што довело до тоа автобусот кој се движел по средната коловозна лента да премине на другата, па движејќи се околу триесетина метри по крајната лента ја пробил металната ограда на автопатот по што продолжил да се движи накосо и се нашол на коловозната лента од автопатот од спротивен правец, по што движејќи се неколку метри по истиот, по крајната коловозна лента повторно ја пробил и таа метална ограда, удрил во дрво, по што превртувајќи се неколку пати, слетал во нивата покрај стариот пат во селото Ласкарци.

Засега официјално се уште не се знае кои се причините за оваа трагедија, која во смрт однесе 14 човечки животи. По увидот, попладнето автобусот со кран беше извлечен од нивата и со специјално возило беше пренесен во касарната во Ѓорче Петров каде што ке се продолжи со увидот. .

Од мештаните кои ги затекнавме на местото на настанот можеа да се слушнат најразлични верзии за причините за несреќата. Според едни, автобусот се движел со голема брзина, други претпоставуваа дека пукнала гума, по што автобусот почнал неконтролирано да се движи од едната во друга коловозна лента, дека наводно дошло до дефект и се закочил воланот, дека се блокирале сопирачките… а трети пак вината за настанот ја бараа во возачот на автобусот. Среќа во несреќа е тоа што на автопатот од спротивниот правец во тој момент немало возила. На едната страна каде што беше автобусот има кафеана, а на другата има неколку куќи. Во средината каде што паднал автобусот нема објекти. Во моментот кога се случила трагедијата во кафеаната имало неколкумина кои одма излегле и почнале да им помагаат на настраданите.

И денес  беа таму. И натаму беа во шок од глетката што ја доживеале претходниот ден. Меѓу нив беше и Музафер Зибери, кој заедно со неговиот син први пристигнале кај превртениот автобус и со нивните автомобили почнале да ги транспортираат повредените во болницата “8 Септември”. “Да не се повтори никогаш. Беше ужасно. Автобусот беше превртен на кров, а однатре се слушаа пискотници. Крв течеше на сите страни. Во мојот автомобил ставив шестмина од повредените. Меѓу нив беше и возачот на автобусот кој беше во полусвесна состојба. Сите ги однесов во болницата. Кога пристигнав со повредените на дежурните лекари им кажав дека ситуацијата е алармантна и дека има многу повредени и загинати. Веднаш по ова лекарите ги известија надлежните служби и почнаа да се праќаат медицински екипи од сите здравствени установи кон Ласкарци “- треперејќи Зибери ја опишуваше морничавата ситуација кога при превртувањето на автобусот дошло и до тресење на неговата куќа, која се наоѓа во непосредна близина на местото каде што паднал автобусот.

Несреќата се случи вчера околу 17 часот на автопатот Скопје -Тетово, кај село Ласкарци, во близина на Карпалак, кога автобусот сопственост на “Дурмо турс”, со гостиварски регистарски таблички, управуван од М.Т.(49) од Гостивар, излетал од патот, се превртел и паднал на регионалниот пат Скопје -Тетово, информираат од МВР.

– Од здобиените повреди починале 14 патници, а 39 се повредени и хоспитализирани во Градската општа болница “8 Септември#, комплексот клиники “Мајка Тереза” и Медицинскиот центар Тетово.

Автобусот од Скопје тргнал околу 16 часот. Во него биле патници кои претежно биле вработени во Скопје и си оделе дома кон Гостивар. Според кажувањето на очевидците, претежно се работело за млади луѓе.