Јанушев: Ова е класична злоупотреба на полицијата во партиско-политички цели

16

Откако по распишаната потерница по Никола Груевски полицијата не го најде во неговиот дом во два наврати, полицијата ја продолжи потрагата, а последна дестинација каде полицијата вршеше претрес беше околу седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и подземната гаража каде беа претресувани возилата кои си заминуваа од палатата Христо Татарчев.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во изјава за медиумите од пред седиштето на партијата рече: „Да кажеме дека ова што вечерва се случува е удар врз демократијата ќе биде траги-комично“. Тој реагираше со забелешка дека партијата е под полициска опсада, а членовите се претресуваат и вознемируваат од страна на полицијата.
„Никогаш во историјата на независна Македонија немало примена на ваква сила врз партија во опозиција. Ова е класична злоупотреба на полицијата во партиско-политички цели“, рече Јанушев додавајќи дека вечерашните полициски акции не се во прилог на смирување на политичките тензии во државата.
Генералниот секретар на опозициската партија порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни, демократски и неопходни средства за да застане, како што рече, на патот на злоупотребата на институциите и обидот за замолчување на опозицијата.
-Доколку полицијата поседува налог и навистина се сомнева дека Никола Груевски е во штабот може слободно да дојде и со нас да провери. Ова е политички прогон, ништо повеќе, ништо помалку, кажа Јанушев.
На прашање од новинарите тој одговори дека нема сознанија каде е Груевски и дека тој лично нема контактирано со него повеќе од осум месеци.
Се пожали дека вечерва и тој и неговото возило биле проверувани од полицијата.