Патувачкото кино на „МакеДокс“, кое е во симбиоза со истоимениот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ што се одржа од 17 до 24 август во Скопје, годинава се враќа во својот стандарден формат на реализација. Филмската програма на 14. Патувачко кино ќе се прикаже во два термина од 8 до 11 септември во регионот околу Свети Николе и од 14 до 17 септември во велешкиот регион.
Филмските проекции под отворено небо ќе се одржат во Свети Николе, на 8 септември, с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот регион, додека во велешкиот регион на 14 септември ќе има проекција во с. Чашка, на 15 септември во с. Теово проследена со музичка промоција, на 16 септември во с. Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.
– Во овие 14 години успеавме да направиме мост помеѓу урбаното и локалното население во речиси 100-ина села и помали градови низ цела Македонија, овозможивме пошироката јавност да се запознае со културните слоеви на руралните средини, а истовремено успеавме таму да однесеме нови културолошки вредности. Од оваа година фокусот на Патувачкото кино ќе биде ставен на прибирање мемориска граѓа од постари лица во населените места каде што ќе се одржуваат проекциите – посочува Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.