Главниот град утре одбележува 79 години слобода, слободен раст и развој. Се сеќаваме на оние што ги положија своите животи за ние да имаме мирен, спокоен живот без страдања и насилство, на борците што беспоштедно извојуваа победа во големата битка против окупаторoт
Главниот град утре одбележува 79 години слобода, слободен раст и развој. Се сеќаваме на оние што ги положија своите животи за ние да имаме мирен, спокоен живот без страдања и насилство, на борците што беспоштедно извојуваа победа во големата битка против окупаторот. Борбите за конечно ослободување на Скопје започнале утрото на 12 ноември 1944 година, а веќе наредниот ден, во вечерните часови, тоа било слободно. Спречено минирањето на Камениот мост и хидроцентралата „Матка“ Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци на Скопје, во разговор за весникот ВЕЧЕР потсети дека првиот куршум со кој бил означен почетокот на борбите за ослободување на Скопје бил испукан во 8 часот, од раката на народниот херој Боро Петрушевски, кој бил од Шеснаесеттата македонска бригада, која учествувала во борбите за ослободување. Освен Шеснаесеттата македонска бригада, во ослободувањето на Скопје учествувале и Дванаесеттата, Третата и Осмата македонска бригада, додека градот го бранеле и единиците на Дваесет и втората гренадирска германска дивизија (47. и 65. полк) и делови од Единаесеттата воздухопловна десантска дивизија и други групи од разни единици. Најжестоките борби се воделе кај Учителската школа, Матка за да не се урне браната, бидејќи тоа ќе значело целосно уништување на Скопје, но и кај Железничката станица. Во текот на 12 и 13 ноември, се развиле жестоки борби. Одделни згради како, на пример, Поштата, по неколкупати преминувале од раце в раце. Во овие борби, голема улога имале диверзантските групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавиле и ненадејно го нападнале окупаторот в грб. Потоа се поврзале со единиците и вршеле улога на водачи, кои точно ги познавале градот и организацијата на одбраната на окупаторот. Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември, борбите продолжиле низ цело Скопје. Меѓутоа, окупаторските сили што биле во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во деловите на западниот дел на градот, успеале да се извлечат под заштита на тенковите и да отстапат во правецот кон Качаник. Оние што останале забарикадирани во разни згради, почнале постепено да капитулираат. Најдолго се држеле во Учителската школа и Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следувало чистење на градот од одделни помали заостанати групи. Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-ина диверзантски групи (3-4 лица), кои ги пресекувале телефонските и телеграфските кабли, ги спречиле Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеле, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречиле минирањето и на Камениот мост. Исто така, по жестоки борби, било спречено да ја минираат и хидроцентралата „Матка“. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеала да ги разбие балистите и фашистите и со тоа да ја зачува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава. Додека единиците на македонските бригади го гонеле непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителен одбор, на 13 ноември 1944 година, издал објава за првите мерки што ги презема народната власт во ослободено Скопје. За два дена, 400 борци, како влог, ги дале своите животи за ослободување на градот. Ослободувањето на Скопје сите го дочекале со радост и општа веселба на плоштадот. Сите биле излезени на улиците, а борците, ослободителите биле пречекани со цвеќиња. Се пеело и се играло, се славела победата. По ова вистинско ослободување на Скопје, градот почна да живее, да расте и да се развива. И покрај природните катастрофи што го снајдоа во меѓувреме, поплавата 1962 и земјотресот во 1963 година, со помош на домашната и на меѓународната заедница, последиците бргу се надминати, а градот продолжи слободно да чекори и да се движи напред. Во текот на Втората светска војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положиле 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор. Како што истакна Бурески, Сојузот на борци со повеќе активности ќе го одбележи Денот на ослободувањето на Скопје. Утре во 9 часот ќе имаат средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по што на Градските гробишта Бутел ќе положат свежи цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на Скопје и на гробот на Михајло Апостолски во Алејата на заслужните. Во 12:30 часот, ќе бидат положени цвеќиња и на Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата. Првата илегална работилница за оружје во Скопје Во услови на окупација и полициски режим, во Скопје дошло до формирање на првата илегална работилница. Задачата околу формирањето и организирањето на работилницата им била доверена на Илија Јакимовски-Илчо, Роберт Гајдиќ, по националност Чех и Бранислав Шикиќ. Таа задача му била доверена на електромеханичарот Серафим Видовски, кој имал работилница во својата куќа. – Работилница на улицата „Пајкова“ на кејот на реката Вардар (зад Археолошкиот музеј) почнува со работа на почетокот од август, до 4 декември 1941 година. Во подрумот на куќата на Серафим, работилницата работела илегално во услови кога започнала Втората светска војна. Во неа се поправало старо оружје, кое било собирано и имало потреба да се поправи за диверзантските групи, за нивните диверзантски акции (бомби, нагазни мини) – вели Валентина Петровска, виш кустос во Музејот на Град Скопје. Во работилницата се работеле претежно дење, а склопувањето и монтирањето се вршеле ноќе. За таа цел, на надворешната куќна врата било монтирано специјално ѕвонче – зумер, кое при отворање на вратата, давало сигнал. Понекогаш се работело цела ноќ до утро. Работилницата постои и ден-денес – онаква како што била и претходно. Во 1965 година, куќата на Серафим била урната, а со ДУП бил предвиден комплексот Стопанска банка, но поради историското значење на работилницата, Заводот за заштита на културното наследство, заедно со Музеј на Град Скопје, издејствувал подрумскиот дел на куќата да биде зачуван и да се отвори еден вид музеј во него. Во 1981 година, повторно е отворен како музеј, а во 2017 година е обновена музејската поставка, донација од 93 предмети, меѓу кои од работилницата на Серафимов и од други такви работилници во Скопје, како што се: на Видовски, на Бедрих Нолч Белка, Антон Паскалов, Богољуб Димитриевиќ, браќата Поповиќ, Стојан Лаврин, работилницата во импровизираната барака во лозјето на Мато Матовски во Козле и други. Во работилницата има алати, нагазни мини, рачен статичен алат, менгеме итн.
Изложба „Скопје на новата генерација“ Во знак на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, се подготвува за инспиративна архитектонска изложба. Изложбата произлезе од конкурсот „Скопје на новата генерација“, организиран од Европската куќа Скопје. Изложбата официјално ќе биде отворена денеска, од амбасадорот Дејвид Гир, кој воедно ќе ги прогласи и победниците на конкурсот. Овој настан ќе служи како платформа за визијата и за развојот на градот, креирана од новата генерација архитекти и урбанисти. – Фазата на пријавување доведе до одлични иновативни архитектонски предлози, каде што секој од предлозите претставува можност за скок кон поинклузивен и ревитализиран град, како и за модернизација на Скопје – велат организаторите. Тие додаваат дека се возбудени од квалитетот и од креативноста на младите архитекти, а визијата што ја добиле од предлозите е инспиративна и дава надеж за иднината на градот. Главниот настан ќе биде од отворен карактер и ќе се случува во шалтерската сала на Пошта – Скопје. Сите што ќе го пропуштат главниот настан, ќе имаат можност да ја посетат изложбата и во следните три дена, поточно од 14 до 16 ноември, од 12 до 15 часот. Настанот симболично ќе го прослави 13 Ноември, Денот на градот, но и четвртиот роденден на Европската куќа Скопје. (А.П.) |