Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог одлука за распуштање на Собранието на 12 февруари и ги повика и другите политички партии да ја поддржат иницијативата.
-Оваа одлука ја предлагаме бидејќи покрај исполнетоста на сите услови за одржување на предвремени избори за пратеници деновиве гледаме како лидерот на СДСМ се обидува да избега од истите со поставување услови за носење на закони кои од само нему познати причини претставувале услов за одржување на изборите, изјави Координаторот на пратеничката група на партијата Никола Мицевски.
На прашање за законот за јавно обвинителство, до каде се преговорите и дали ќе има време да се донесе законот, Мицевски рече дека власта на СДСМ се обидува еднострано да донесе закон со кој сака да воспостави, како што вели, целосна контрола на Обвинителството и донесувањето на овој закон го поставува како услов за одржување на изборите. Тој го повтори партискиот став дека експертската јавност и ВМРО-ДПМНЕ имаат бројни забелешки за законот, кој е едностран и во спротивност со експертските мислења, Уставот и кривичната материја.
-Ова е трет изговор за да се избега од избори. ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за ЈО туку е против партиски закон за ЈО со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде со консензус но и во дослух со експертската јавност. Ние сме спремни доколку шесте предложени професори го направат овој закон безусловно да гласаме да го поддржиме, рече Мицевски.
И претседателот на парламентот Талат Џафери изјави дека нема да можат да се скратат законските рокови предвидени за изборниот процес. Ваквиот заклучок произлегува од законски пропишаните рокови, кои не може да се скратат од 60 на 45 дена, со цел парламентот да добие дополнителни 15 дена за работа, како што се заложи Заев. Уставот е јасен, вели собранискиот спикер, укажувајќи на законските рокови за сите изборни дејства кои не може да се кратат.
-Лидерите на парламентарните партии заедно се договорија да се одржат избори на 12 април, и тогаш знаеја кои закони се битни за донесување пред да се распушти парламентот. Сега во последен миг се пласираат идеи кои се косат со законските рокови за изборните дејства. Уставот е јасен: избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Институциите треба да работат според закон, а не според желби. И јас сум член на партија, и на партијата ѝ кажувам какви се роковите. Не е дека сакам да опонирам, туку мора да ги почитувам нормите”, вели Џафери.
Според него, тие 60 дена се исполнети со изборни дејства, за кои роковите не може туку така да се кратат. Дури и парламентарните партии да се договорат за одложување на распуштањето на парламентот за неколку дена, прашањето е што е со вонпарламентарните партии? Ако евентуално и има простор да се скрати рокот за увид во Избирачкиот список од 20 на 15 дена, за другите изборни дејства тоа е невозможно.
Пратеникот од СДСМ Бетијан Китев изјави дека и СДСМ е за распуштање на Собранието на 12 февруари, но ако има простор за дополнителни 5-6 дена работа за да се донесат измените на изборниот законик и законот за јавно обвинителство, може да пролонгира и да се запазат изборните рокови за 12 април. Поддршка за распуштање на Собранието даде и Алијансата на Албанците.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ предложи формирање на тим од врвни експерти кои што ќе работат на изготвување на овој закон, меѓу кои ќе бидат вклучени професорите по уставно и казнено право: Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
Академик Камбовски, пак, не се согласува со идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, шестмина професори да седнат и допрва да пишуваат нов закон за Јавно обвинителство. Тој вели дека веќе ја води работната група формирана од Министерството за правда која работи цела година токму на законот за Јавно обвинителство и сите предлози таму се добредојдени. Но, според него нема логика шестмина професори, иако од Правниот факултет, сепак од различни области, да седнат и да напишат закон кој се однесува на јавнообвинителската фела.