Изминатата недела имаше многу гласини дека трансферот на Фабињо од Ливерпул во Ал Итихад е доведен во прашање поради правилата за забрана за чување булдози во Саудиска Арабија. Британскиот таблоид „Атлетик“ ги демантираше гласините, но има неколку трансфери во фудбалската историја кои пропаднаа од навистина бизарни причини. „GiveMeSport“ понуди преглед на 12 такви трансфери.
- Набил Фекир во Ливерпул
Неуспехот на лекарскиот преглед не е ништо невообичаено во фудбалот, но ситуацијата околу преселбата на Набил Фекир во Ливерпул во 2018 година е повеќе од интересна. Фекир беше на прагот на преселба во Ливерпул само неколку недели по поразот од Реал (М) со 3:1 во финалето од Лигата на шампиони. „Црвените“ дури го фотографираа со дресот и снимаа интервјуа со медиумскиот персонал на клубот. Сепак, трансферот беше прекинат кога лекарите на Ливерпул дознаа дека францускиот фудбалер се здобил со повреда на коленото. Поради тоа што лекарите не беа задоволни од состојбата на коленото на Фекир, Ливерпул беше принуден да се откаже од трансферот.
- Џон Оби Микел во Манчестер Јунајтед
Манчестер Јунајтед го најави потпишувањето на Џон Оби Микел од норвешкиот Лин Осло во 2005 година, но во драматичен пресврт, Нигериецот тврдеше дека бил под притисок да потпише за „црвените ѓаволи“. Наместо тоа, Микел одлучи да му се приклучи на Челзи, а лондонскиот тим плати 16 мил. фунти на Лин и 4 милиони фунти на Манчестер Ј. за да го доведе играчот од средниот ред во клубот.
- Емануел Адебајор во Астон Вила
Емануел Адебајор беше блиску до трансфер во Астон Вила и тоа како позајмен играч од Тотенхем во 2015 година, но истиот не се реализира. Напаѓачот од Того, кој постигна 97 гола во Премиер лигата, дури беше подложен на лекарски преглед и направи промотивни фотографии. Сепак, Адебајор се повлече во последен момент, наводно затоа што не можел психички да се подготви за пристигнувањето. По разговорот со својот свештеник, поранешниот играч на Арсенал рече дека му треба знак од Бога дека трансферот е вистинскиот за него.
- Рој Кин во Блекбурн
Пред да стане легенда на Манчестер Јунајтед, Рој Кин имаше преддоговор со Блекбурн Роверс во 1993 година, но договорот пропадна. Менаџерот на Блекбурн во тоа време, Кени Далглиш не можеше да го финализира договорот поради расипаниот факс, па Кин остана во Нотингем Форест. Манчестер Јунајтед скокна во приказната, обезбедувајќи го потписот на Кин со драматичен пресврт. Тој подоцна стана еден од најдобрите играчи од средниот ред и капитени во историјата на Премиер лигата.
- Давид Де Хеа во Реал Мадрид
Сите ја знаат приказната за неуспешната преселба на Давид Де Хеа во Реал (М) во 2015 година. Тој го напушти Манчестер Јунајтед дури ова лето, кога му истече договорот, но пред осум години беше многу блиску до Мадрид. Трансферот пропадна затоа што документацијата беше поднесена 28 минути по истекот на рокот за трансфер во Шпанија и тоа поради неисправна факс машина. Де Хеа остана во Манчестер, а Кејлор Навас, кој пак требаше да стане член на Јунајтед, остана во Мадрид.
- Џорџ Бојд во Нотингем Форест
Нотингем Форест требаше да го ангажира Џорџ Бојд од Питерборо во 2013 година, но од прилично бизарна причина трансферот не се реализираше. Клубот сметаше дека „неубедливиот тест на очите“ е доволна причина да се повлече, што претседателот на Питерборо го оцени за нелегитимен. Бојд остана во Пош, а за неговата неуспешна преселба во Форест се зборува и денес.
- Фабио Борини во Сандерленд
Напаѓачот на Ливерпул, Фабио Борини, беше на прагот на трајна преселба во Сандерленд во 2014 година, по успешната позајмица, но договорот изненадувачки пропадна. Причината беше тоа што Борини одби да го напушти Ливерпул, избирајќи да се бори за своето место во тимот. Италијанскиот фудбалер наводно мислел дека е премногу добар за Сандерленд. Сепак, следната година тој се предомислил и одлучил да му се приклучи на Сандерленд каде остана до 2018 година.
- Лоик Реми во Ливерпул
Уште еден неуспешен потег на Ливерпул. Лоик Реми беше многу блиску до трансфер од КПР во 2014 година и тоа како замена за Луис Суарез, но „црвените“ ги повлекоа сопирачките. Исто како и со Фекир, клупските лекари беа незадоволни од наодите на лекарските прегледи и го советуваа раководството да ја повлече понудата. Спецификите на проблемот никогаш не се откриени, но се шпекулираше дека имало проблем со срцето на Реми.
- Роналдињо во Манчестер Јунајтед
Пред да дојде во Барселона, Роналдињо беше блиску до преселба од ПСЖ во Манчестер Јунајтед во 2003 година. Извештаите во медиумите во тоа време сугерираа дека Роналдињо е совршена замена за Дејвид Бекам, кој штотуку замина во Реал (М). Сепак, бизнисот пропадна, а причина за тоа очигледно се временските услови. Наместо тоа, Роналдињо одлучи да се приклучи на Барселона бидејќи климата таму повеќе му одговараше, како и фактот што клупските челници ветија дека ќе изградат цел тим околу него.
- Роберт Левандовски во Блекбурн
Години пред да стане еден од најдобрите напаѓачи во светот, Роберт Левандовски беше на прагот да се приклучи на Блекбурн Роверс. Договорот беше склучен, со тоа што полскиот напаѓач требаше да дојде од Познањ во Полска во текот на јануари 2010 година. Но, облакот од пепел предизвикан од ерупцијата на исландскиот вулкан Ејафјалајокул ги наруши неговите планови за летот и за разговорите со клубот. Доцнењето и овозможи на Борусија Дортмунд да навлезе во приказната, засекогаш менувајќи го текот на неговата кариера во Бундес лигата и Лигата на шампионите.
- Златан Ибрахимовиќ во Арсенал
Потенцијалната преселба на Златан Ибрахимовиќ во Арсенал во 2000 година е легендарна. Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер сакаше младиот Швеѓанец да дојде на проба, но Ибрахимовиќ одговори „Златан не оди на аудиции“ и ја одби понудата. Трансферот пропадна бидејќи Арсенал не сакаше да го ангажира напаѓачот без проба во живо и Златан најде клуб далеку од северен Лондон.
- Неимар во Манчестер Сити
Исто како и неговиот сонародник и идол Роналдињо, се верува дека Неимар одбил трансфер во Манчестер поради климата. Овој пат, Манчестер Сити мислеше дека го обезбедиле потписот на Неимар од Сантос во 2013 година, но им беше кажано дека крилниот напаѓач не е толку заинтересиран за трансфер. Интересно, Неимар бил убеден, според The Telegraph, дека играчите биле принудени да носат специјално направени чизми за да се справат со калливите терени во Англија. Исто како Роналдињо, и Неимар наместо тоа одлучи да се приклучи на Барселона, каде што, мора да се признае, климата е многу поубава.