Засилени инспекциски контроли и казни за несовесните граѓани

125

Инспекциската служба на Општина Аеродром го интензивира своето присуство на терен, а најавени се и почести казни за несовесните граѓани и правни субјекти што ја нарушуваат хигиената на јавните  површини, се паркираат на плочници и тревници и фрлаат отпад на места што не се предвидени за таа наменa.

Во текот на обиколка што ја спровеле заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и инспекторите на неколку критични локации, на самото место биле затечени несовесно паркирани возила, чии сопственици ќе добијат соодветни казни.

Митески бил информиран за реонската распореденост на инспекторите и на редарите, како и за нивните дежурства во текот на викендите.

Тој најави зајакнување на соработката со полицијата, особено во делот на добивањето информации за лицата што вршат прекршоци, со цел навремена реакција на терен.

-Исто така, активно се работи на пуштање во функција на општинско товарно возило, кое ќе се вклучи во собирањето и транспортот на кабастиот отпад од одредени локации. Граѓаните ќе бидат навремено известени за сето ова, по што ќе можат за симболична сума да ја добиваат и оваа услуга – соопштија од Општина Аеродром.

Заменик-градоначалникот Митески најави и изнаоѓање начин за справување со запуштените приватни имоти, кои со години не се одржувани од сопствениците, со што би се ставил ред на голем број локации кои сега се обраснати со висока трева или претставуваат мини депонии.