Со поставување на камен темелник денеска беше означен почетокот на изградбата на нова детска градинка во Стопански двор.
Како што истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски се работи за објект кој ќе биде со површина од околу 1.000 квадратни метри и на две нивоа.
Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката, додека првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во четири занимални, односно вкупно шест занимални, заедно со јаслите, поделени на два ката.
Објектот, кој ќе биде граден по најмодерни стандарди, ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална. Градинката ќе биде со капацитет за згрижување на 100 деца.
Како што рече Стојкоски, проектот е финансиран од Владата на Република Македонија во вредност од 60.000.000 денари, а неговата околина ќе биде хортикултурно уредена, додека на останатото државно земјиште ќе биде изграден спортско – рекреативен центар кој ќе биде достапен на сите граѓани.
Тој најави дека уште една градинка ќе се гради и во Дексион.
Премиерот Христијан Мицксоки пак им посака на граѓаните во оваа општина набргу овде да никне уште еден ваков објект.
Освен, премиерот Мицкоски и градоначалникот Стојкоски, на поставување на камен – темелникот на новата детска градинка присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и заменик-министерот, Ѓоко Велковски.
(А.П.)