В недела е Водици или Богојавление — денот на кој, според христијанското предание, свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Симболот на Водици е положувањето на светиот крст во водите – реки, езера, базени и се верува дека потоа тие стануваат свети. Централните манифестации ќе се одржат во Охрид и во Скопје, а традицијата ја продолжуваат и останатите општини и населени места. Овој празник во Македонија се слави со посебен пиетет и традиција, а секој град, секое населено место има посебни и специфични обреди и обичаи кои се пренесуваат од колено на колено
В недела се одбележува еден од најголемите христијански празници Богојавление или Водици, денот на кој православните христијани го слават споменот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. Се верува дека на овој ден, се осветуваат сите води, а традицијата налага да се изврши и обредот за положување на светиот крст во реките кој верниците се обидуваат да го фатат. Народно верување е дека оној кој прв ќе стигне до крстот ќе го има божјиот благослов и цела година ќе има среќа.
На овој празник му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Според проучувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски, со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови, туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова година (Василица) и сл.
-Карактеристично за Водици е што се празнуваат во поголеми или помали групи што се викаат компании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата, кумството е сродство, па за кумовите како и инаку за крвните роднини, важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија свети Јован го крстил Исус Христос, значи тој го има кумството. Во песната од Западна Македонија „Или тотнет ил се земја тресет“ објавена во зборниците на Јастребов и Икономов, во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството: Свети Петар клучи од рајове, Светʼ Илија – силни секавици, Свети Јован – кумство, побратимство, Неделица – празник да празнуват, вели професорот Китевски.
Додава дека водичарските обичаи, верувања и песни покажуваат дека во Македонија до денес се одржале многу од старите обичаи кои најпрвин имаат аграрен, а дури потоа хтоничен карактер, и дека во нив се следат слоеви од најдалечното минато, односот кон словенскиот врховен бог, но и социјалната организација на селото, на компанијата и на семејството.
Овој празник во Македонија се слави со посебен пиетет и традиција а секој град секое населено место има посебни и специфични обреди и обичаи кои се пренесуваат од колено на колено.
На Богојавление главен настан е положувањето на крстот во водата. Во Охрид крстот се положува во езерото, во Скопје во Вардар, а по селата во реките откако претходно ќе се направи голем вир.
Манифестацијата на осветување на водите на Охридското Езеро е најмасовна во државава а е возобновена после осамостојувањето на нашата држава. Во согласност со традицијата, богојавленските чествувања во Охрид се составени од два дела. Првиот дел е црковен, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот е граѓански и го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.
На 19 јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7:00 часот изутрина. Годинава, свети литургии, со почеток во 8:15 часот, ќе се одржат во четири парохиски цркви: „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, „Свети Никола“ – Геракомија, „Свети Никола“ – Долна Влашка Мала и „Свети Георгија“ – Горна Влашка Мала. Литијата ќе се упати кон градското пристаниште во 9:45 часот. Светиот крст ќе биде положен во водите на Охридското Езеро, во 10:00 часот, од градското пристаниште, а чинот на полагање ќе го изврши архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Досега, покрај охриѓани, своето учество го пријавиле и голем број верници од другите градови на Македонија.
Оваа година во одбележувањето на големиот православен христијански празник Богојавление – Водици, се враќа една убава традиција што ја воспостави Здружението „Богојавление“ пред децении.
Најсреќниот што ќе го фати крстот ќе добие вредна икона „Богојавленски свет“, која специјално ја изработи охриѓанецот Стефан Мошовски. По церемонијата за осветување на водите од Охридското Езеро, на градскиот плоштад е предвидена богата музичка програма.
Истиот ден, во 12:00 часот, во месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштавање во Охридското Езеро. И годинава, во организација на Црвениот крст, ќе се одржи традиционалната крводарителска акција. Прославата за Водици во Охрид продолжува на 20 јануари 2025 година, со уникатната манифестација „Денот на рибарите“, во чест на празникот Свети Јован Крстител. Лани, среќата да го фати кртот во водите на Охридското Езеро ја имаше дваесет и деветгодишниот охриѓанец Никола Јакимоски.
Во Скопје пак, положувањето на светиот крст ќе го изврши митрополитот тетовско-гостиварски, Јосиф, кој исто така ќе чиноначалствува со литургијата која што ќе се одржи во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, која ќе започне во 9 часот. Потоа, во црквата ќе се одржи водосвет, по што литијата ќе се упати кон мостот „Слобода“, од каде што во 12 часот крстот ќе биде положен во водите на реката Вардар.
Од Кабинетот на архиепископот охридски – македонски, г.г. Стефан, информираа дека по крстот ќе се фрлаат над 220 верници. За манифестацијата да помине во најдобар ред ќе се погрижат и Службата за итна медицинска помош, Црвениот крст, како и полицијата. Големиот верски празник ќе го одбележат и скопските општини. Во Аеродром, во 11 часот, крстот ќе биде положен од мостот во водите на Маркова Река, а во 12 часот, црквата „Св. Троица“ од Долно Лисиче, во езерото Јасика, каде што ќе има околу 20 учесници, меѓу кои и една девојка.
И во Ѓорче Петров, крстот ќе се положи на две локации во реката Лепенец и во реката Вардар од мостот во Хром. Во организација на црквата „Св. Константин и Елена“ во населба Илинден, положувањето на светиот крст ќе се изврши во водите на езерцето во хотелот „Белви“.
Она што е интересно е дека традицијата налагаше по крстот да скокаат само мажи, но во последниве години меѓу кандидатите можат да се видат и жени.
(А.П.)