Судбоносното ДА во Порта Македонија

125

– Во комуникација сме со Министерството за култура, со кое треба да склучиме договор новата свечена сала за венчавање да биде во Порта Македонија. Во постапка сме да го изнајмиме просторот и тој да биде во служба на граѓаните. Но, поради тоа што сме во процес на трансформација, односно од Министерството за правда да потпаднеме во Министерството за дигитална трансформација, потребно е време, постојат законски рокови за да се случи тоа, за да можеме потоа да потпишеме меморандум за соработка со Министерството за култура и за да го изнајмиме тој простор, кој ќе биде во служба на граѓаните. Се надевам дека ќе потрае тоа уште десетина дена и очекувам во март да се случат венчавки таму – вели директорот на Управата за водење матични книги, Фатон Фазлиу

 

Од март, младите скопјани ќе можат да го кажат судбоносно „да“ во една од просториите во Порта Македонија. Ова за весникот ВЕЧЕР го најави директорот на Управата за водење матични книги, Фатон Фазлиу.

Тој нагласи дека еден од проблемите со кои се соочил кога ја презел функцијата директор на Управата за водење матични книги и кој му бил приоритет е да се најде решение за свечена сала каде што ќе можат младите од главниот град достојно да склучат граѓански брак.

– Во комуникација сме со Министерството за култура, со кое треба да склучиме договор новата свечена сала за венчавање да биде во Порта Македонија. Во постапка сме да го изнајмиме просторот и тој да биде во служба на граѓаните. Но, поради тоа што сме во процес на трансформација, односно од Министерството за правда да потпаднеме во Министерството за дигитална трансформација, потребно е време, постојат законски рокови за да се случи тоа, за да можеме потоа да потпишеме меморандум за соработка со Министерството за култура и за да го изнајмиме тој простор, кој ќе биде во служба на граѓаните. Се надевам дека ќе потрае тоа уште десетина дена и очекувам во март да се случат венчавки таму – вели Фазлиу.

Тој истакна дека досега венчавките се одвивале во канцелариите во рамките на Управата за водење матични книги или во простории на општините.

– Во Скопје, венчавките се во старото Матично, во мала канцеларија, која не е соодветна и свечена – признава Фазлиу.

Не само што не е соодветна малата канцеларија во бараката на Општина Центар каде што беше старото Матично, несоодветни услови за венчавање имаше и во објектот во Ѓорче Петров. Но, Фазлиу вели дека на први јануари е надминат долгогодишниот проблем што го имаа жителите од оваа општина.

– Долгогодишниот проблем во Ѓорче Петров е решен и жителите на таа општина од овој месец можат да ги извршуваат услугите во посоодветни простории – истакна тој.

Главниот град повеќе години нема соодветна сала за склучување граѓански брак, откако во 2021 година старото Матично во бараките на Општина Центар беше реконструирано и пренаменето во Младински центар.

Во тој период, многу млади двојки склучуваа бракови во салата во Порта Македонија или, пак, во свечената сала на Музејот на македонската борба. Сега, доколку сакаат младите да се венчаат во некоја од овие две сали, мора да го платат просторот и да изнајмат матичар.

Во меѓувреме, младите се снаоѓаат, па се венчаваат во ресторанот каде што прават свадба. Но, доаѓањето матичар во ресторанот мора да се плати. Цената се разликува во зависност од оддалеченоста и од денот во кој се стапува во брак.

Според тарифникот, за склучување брак надвор од службените простории на Управата за водење матични книги, доколку се повика матичарот во работен ден и во работно време во ресторан или на друга локација до 10 километри оддалеченост, ќе треба да се плати 4.765 денари. Во работните денови по 16:30 часот, на иста оддалеченост, услугата на матичарот чини 5.242 денари, додека во текот на викендите (сабота, недела) и на државните празници, до 10 километри далечина, цената е речиси двојно повисока, односно 10.484 денари. Ако е венчавката на локација која е подалеку од 10 километри, сите наведени цени се повисоки за 100 проценти.

(А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ