Скопје го добива најголемиот трговски парк во Македонија

172

Во индустриската зона Пинтија, во близина на Стаклара, се гради „Home Retail Park“, прв трговски парк од ваков тип во Македонија, кој се простира на површина од 35.000 квадратни метри. Проектот ќе обезбеди 20.000 квадратни метри модерен комерцијален простор, создавајќи можности за вработување на околу 300 лица и значајно заживување на локалната економија. Во „Home Retail Park“ граѓаните ќе може да најдат сè што им е потребно за домот – од мебел, домашни апарати и декорации до градинарска и бањска опрема. Покрај тоа, ќе располага со модерни кафетерии и ресторани, како и со 600 паркинг-места за посетителите, создавајќи комплетно шопинг-искуство.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изврши увид во реализацијата на новата капитална инвестиција, истакнувајќи дека таа е потврда за зголемената доверба на инвеститорите во Општина Кисела Вода, благодарение на транспарентното и законско работење на раководството.

– Изградбата на „Home Retail Park“ претставува значаен економски импулс за нашата Општина. Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите. Овој проект не само што ќе создаде 300 нови работни места туку и ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона, подобрувајќи ги условите за живот и работа во нашиот град – изјави Ѓорѓиевски.

Генералниот директор на инвеститорот, компанијата „Голден арт“, Ивица Јаќимовски, нагласи дека оваа инвестиција значително ќе придонесе за подобрување на животниот стандард и за економскиот раст.

– „Home Retail Park“ ќе стане нов центар за паметно купување, место каде што ќе може семејствата да го уредат својот дом на наједноставен и најудобен начин. Ова е инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во развојот на локалната економија – објасни Јаќимовски.

Отворањето на „Home Retail Park“, кој ќе чини 15 милиони евра, е предвидено до крајот на 2025 година.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ