Силен ветер откорна бор во центарот на Скопје и поклопи девојка! (ФОТОГАЛЕРИЈА)  

1256

Силно невреме, како што се најавуваше, денеска ја зафати и Македонија. Во центарот на Скопје, девојка, случаен минувач, беше повредена откако врз неа падна голем бор, кој го откорна силен ветер.

Настанот се случи на булеварот „Климент Охридски“ кога за влакно беше избегната трагедија, бидејќи станува збор за една од најфрекфентните улици во градот во шпиц време.  За среќа, случајни минувачи  притрчале  и успеале да ја извлечат.  Младата жена  беше поклопена од гранките на дрвото, иако контактибилна, таа се жалеше на повреди во грбот.

Според кажувањата на присутните таа тука поминувала со уште една девојка , која за среќа освен гребаници на раката, немала други повреди.

Присутните минувачи неколку минути се обидуваа да ја извлечат од под гранките на борот и да ги оттргнат од неа. На младата жена веднаш и беше укажана прва помош и беше имобилилизиран вратот.   Во меѓувреме, беше повикана Службата за итна медицинска помош која веднаш пристигна на местото на настанот. Девојката видно вознемирана  по брзата интевенција беше пренесена во болница.

Пристигна и возило на Бригадата за противпожарна заштита, а пожарникарите ги исекоа гранките од паднатото дрво, за да ја ослободат сообраќајницата  која неколку часа беше блокирана.

Во меѓувреме пристигна и полицијата која изврши увид на местото на настанот.

Паднатиот бор, оштети и возило „пегла“ кое беше паркирано на тротоарот.

Од невремето падна дрво и врз автомобил во населбата Пролет кај Веро Џамбо.

(А.П.)

ФОТО П. Стојановски