Се збратимија Прилеп и Берово со најголемата измирска општина, Буџа

35

Општина Прилеп се збратими со турската општина Буџа која е најголема во градот Измир. Договорот за збратимување е потпишан во рамки на официјалната посета на оваа општина од страна на делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Борче Јовчески, а на покана на градоначалникот на Општина Буџа, Ѓоркем Думан.

Градоначалникот Јовчески информираше дека посетата се совпаднала и со одржувањето на 12-тиот по ред „Буџа Балкан Фестивал“.

-Средбите беа од големо значење за збогатување на нашите билатерални односи, а особено ставивме фокус на потпишувањето на Договорот за збратимување помеѓу општина Буџа и општина Прилеп. Ова е значаен чекор кон понатамошно зацврстување на нашите пријателски односи, но и продлабочување на економската соработка, културните разменувања и младинските иницијативи. Преку вакви активности, заедно ќе создадеме платформи за размена на студенти, културни проекти и зајакнување на нашите локални заедници – истакна Јовчески.

Тој додаде дека оствариле значајни средби и со локалните образовни и јавни институции, вклучително градинки, училишта и младински центри.

-Се запознавме со нивните модели на работа и функционирање и се надеваме дека ќе можеме да ги примениме позитивните практики во нашата општина Прилеп, со цел да го подобриме секојдневното функционирање на нашите јавни претпријатија и административните услуги – изјави Јовчески.

Според него особено емоционална била средбата со Здружението на иселениците од Канатларци, Ерековци и други населени места од општина Прилеп. Тој додава дека овие луѓе, иако живеат и работат во Буџа, не ги заборавиле своите корени и родната Македонија.

-Пренесовме топли поздрави од нашата заедничка татковина и изразивме поддршка и отвореност за идни соработки – вели Јовчески додавајќи дека целта е да се зајакнат врските меѓу општините и да се создадатуслови за поблиска соработка во сите аспекти на општественото живеење.

Тој нагласи дека имале можност и да уживаат во културните богатства на балканските народи, преку музика, народни ора и традиции.

 -Особено ни беше задоволство и огромна чест да ги слушнеме македонските песни и мелосот, кој допре до сите нас и ни ги врати спомените на нашите традиции. Буџа, како најголема општина во Измир со население од околу 500.000 жители, ни понуди прекрасна можност за запознавање со нивните културни знаменитости и историски обележја. Овие моменти ни дозволија да го препознаеме заедничкото историско наследство кое ги поврзува нашите два народи – потенцираше Јовчески.

Тој изрази уверување дека оваа соработка ќе биде од голема корист за двете општини и граѓаните.

Освен Општина Прилеп, на последниот ден од „Буца Балкан Фестивал“, и Општина Берово потпиша протокол за збратимување со општините Буџа, Сејдишехир и Ерменек од Турција.