Се надградува училиштето „Ацо Шопов“ во населбата Радишани

21

Почна изведбата на работите за надградба на основното општинско училиште „Ацо Шопов“. Почетокот на градежните активности го означија, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, a на настанот присуствуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

-Се прават исклучително брзи и квалитетни чекори во насока на подобрување на условите за живот на нашите граѓани кога станува збор за образованието и науката, за школување и другарувањето на нашите најмили, децата – истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека за девет месеци, училиштето ќе добие четири нови училници, со што тука ќе можат да учат уште стотина ученици и дека со надградбата, веќе од наредната школска година, на сите ученици од 1 до 3 одделение во училиштето, им се овозможува целодневна настава.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, информираше дека новиот објект, ќе се протега на површина од околу 400 квадратни метри и оти ќе биде финализиран до почетокот на наредната учебна година.

Вредноста на целиот проект изнесува 36 милиони денари.