Со свечена академија под покровителство на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, вчеравечер, во Центарот за култура беше одбележан јубилејот 80 години Македонски црвен крст.
Со свечености под мотото „80 години гледаме луѓе“, Црвениот крст на Република Македонија, периодов одбележува осум децении хумана мисија во државата, со посебен акцент на соработката со локалните самоуправи.
-Благодарност до сите претходни генерации што се вградија во оваа организација за денес да биде толку убава и успешна. Црвениот крст е сведок на создавањето на државата, но она што е значајно е што неговиот развој е приспособен исклучиво за развој на општеството. Тоа е резултат на сите 80 години во кои ги слушаме луѓето, ги гледаме луѓето и заедно со нив промовираме хуманост и солидарност. Овие нови генерации се подготвени да продолжат да ги гледаат, уважуваат и вреднуваат луѓето и во наредните 80 години и заедно со нив да изградиме една организација на иднината – истакна генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.
Тој им врачи признанија за соработка на градоначалниците на двете локални самоуправи, Крива Паланка и Ранковце, Сашко Митовски и Борче Спасовски, во име на партнерството и соработката низ децениите во реализацијата на сите хумани активности што градат хумана заедница со подадена рака на сите на кои тоа им е потребно.
-Општината е сигурен партнер на Црвен крст, а круна на тоа партнерство градено со децении, се развиените социјални услуги во Крива Паланка што пружаат – грижа за ранливи категории. Признанието им припаѓа на сите оние кои се и биле дел од општината и на сите што со својата добрина и посветеност подале рака и љубов во грижата за граѓаните, за заедницата – изјави Митовски.
Градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски, порача дека Ранковце секогаш стои цврсто на линијата на хуманоста и со заедничко дејствување и во наредниот период ќе работи на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
Претседателот на ОО Црвен крст – Крива Паланка, Иле Коцевски, рече дека овој јубилеј е симбол на 80 години пожртвуваност, посветеност и предаденост на идејата да се изгради силна заедница.