Општината очекува обиколница преку унгарскиот кредит

28

Изградба на обиколница во Крушево е еден од четирите проекти за кои бара Градот средства од 1.130 000 евра од унгарскиот кредит, преку Министерството за локална самоуправа, за оваа година.

Од Општина Крушево велат дека обиколницата ќе овозможи градот да биде центар за развој на, главно, авантуристичкиот туризам, по што е најпознат во светот. Воедно, со неа ќе бидат поврзани скијачките терени и авантуристичките паркови.

– Поточно, обиколницата ќе биде локален пат од Порта до скијачките терени и од познатата чешма на АРМ до скијачките терени, со што ќе се формира тој дел или тие парцели ќе добијат инфраструктура, кои се градат изминатиот период и се продадени од Општината. Инаку, претходно се реконструираше локалниот пат од Порта до Мечкин Камен. Тоа ќе донесе дополнителен раст и развој на туризмот, не само во Крушево туку и цела држава ќе биде насочена кон Крушево, кој ќе биде центар на вниманието – изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушево годинава очекува да го започне проектот со Грција, преку Европската Унија и да го гради алтернативното полетувалиште за параглајдеристи на Црн Врв.

– Местото е Црн Врв, каде што, отспротива, има одлична ружа на ветрови и со тоа Крушево ќе биде уште попрепознатливо. Сега е на третото место во светот по параглајдерство, а со ова сакаме да ги има првите места. Многу можности ќе добијат параглајдеристите аматери – вели Христоски.

Годинава, во Крушево ќе се одржат Светскиот куп во параглајдерство, Европското првенство и уште седум други меѓународни натпреварувања во параглајдерство. Тоа ги зголемува очекувањата годинава да има зголемен број туристи во Крушево.

 

ИЗДВОЕНИ