Веќе е распишана јавна набавка со која Општината ќе обезбеди два зглобни коша со обрачи, одбојкарска мрежа со подвижни столбови на тркала, осум рипстоли (шведски скали), шест клупи од 3 метри и четири од 2 метри, кои треба да бидат двострани (од едната страна да може да се користи како гимнастичка греда), како и 12 закачалки од 2 метри. – Општина Карпош испрати писмо и до Министерството, односно до министерот Борко Ристовски, со кое, исто така, бараше поддршка за да се опреми спортската сала, но оттаму досега не добивме никаков одговор – велат од локалната самоуправа. Од Министерството за спорт, пак, велат дека немаат никаква наследена обврска да го финансираат опремувањето на спортската сала „Партизан“ во Карпош, бидејќи таа, по реконструкцијата, е предадена во владение на Општина Карпош
Општина Карпош ќе ја опреми новореконструираната сала „Партизан“ во Карпош 4, која и покрај тоа што беше пуштена во употреба пред нешто повеќе од една година, не се користеше токму од оваа причина, но и поради тоа што не е приклучена на парно греење.
Веќе е распишана јавна набавка со која Општината ќе обезбеди два зглобни коша со обрачи, одбојкарска мрежа со подвижни столбови на тркала, осум рипстоли (шведски скали), шест клупи од 3 метри и четири од 2 метри, кои треба да бидат двострани (од едната страна да може да се користи како гимнастичка греда), како и 12 закачалки од 2 метри.
За оваа јавна набавка, како што информираат од Општина Карпош, се предвидени 1.060.000 денари со ДДВ, од буџетот на Општина Карпош за 2025 година.
– Целосното опремување би чинело стотина илјади евра, сума што Општината не може да си ја дозволи во моментот. Токму од тие причини, кога беше предадена салата во владение на Општина Карпош од страна на тогашната Агенција за млади и спорт, тогашниот директор на агенцијата, Наумче Мојсовски, вети дека Агенцијата ќе донира опрема за салата, но не се случи тоа. По промената на власта, Агенцијата се трансформираше во Министерство за спорт. Општина Карпош испрати писмо и до Министерството, односно до министерот Борко Ристовски, во кое исто така бараше поддршка за да се опреми спортската сала, но оттаму досега не добивме никаков одговор – велат од локалната самоуправа.
Од Министерството за спорт, пак, велат дека немаат никаква наследена обврска да го финансираат опремувањето на спортската сала „Партизан“ во Карпош, бидејќи таа, по реконструкцијата, е предадена во владение на Општина Карпош.
– Примопредавањето на салата од поранешната Агенција за млади и спорт на Општина Карпош е извршено со записник на 3 јануари 2024 година. Проектот за реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ е изработен од Општина Карпош и доставен до тогашната Агенција за млади и спорт. Согласно со договорот за соинвеститорство, по реконструкцијата, за која се издвоени државни средства, обврските околу загревањето и опремувањето на салата ги презема Општина Карпош – децидни се од Министерството за спорт и додаваат дека е пристигнато барање од Општина Карпош, но, како што велат, во моментов во буџетот на Министерството не е предвидена таква ставка.
Оттаму додаваат дека, по реконструкцијата на салата, која е завршена во декември 2023 година, извршен е и технички прием и таа е предадена во владение на Општина Карпош.
– Со тоа, Општина Карпош го презема стопанисувањето и сите обврски околу функционалноста на овој спортски објект, како и одговорноста салата да биде ставена во функција на граѓаните – одговорија од Министерството за спорт.
Спортската сала „Партизан“ беше пуштена во употреба откако беше реконструирана на 29 декември 2023 година.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 година, како донација на француската Влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров.
Салата, во 2005 година, од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ѝ беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, тули, ѓубре, шут, стакло и личеше дека може да се урне во секој момент.
(А.П.)