Одбележани 80 години од ослободувањето на Ѓорче Петров

15

Со положување цвеќе од страна на бројни делегации на спомен-плочата на паднатите борци во НОБ, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 Ноември, денот кога општината беше ослободена во антифашистичка борба.

Општинската делегација беше предводена од градоначалникот Александар Стојкоски кој во своето обраќање пред присутните рече дека 14 ноември е датум кој ја врежал слободата длабоко во историјата на ова место.

-Овој ден не е само историски настан, туку и сведоштво за неуморната борба, пожртвуваноста и храброста на сите оние кои се изборија за својата земја, за својот дом, за својата иднина. Никогаш не смееме да заборавиме дека слободата и државата тешко се стекнуваат, но вечно се бранат и чуваат со нашите дела кои се темелат на спомените на хероите и поуките кои ни ги дава историјата, како и на секојдневно вложениот труд – рече Стојкоски, додавајќи дека одбележувањето на осум децении од ослободувањето на Ѓорче Петров се чествува како благодарност кон оние кои ги дале животите за денес ние да живееме во мир, но, истовремено и како обврска на модерното време кое бара нови херои што ќе одговорат на новите предизвици, кои нудат храбри и одржливи решенија.