Градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, преку социјалните мрежи ги повика скопјани в петок во 13:30 часот на протест пред канцелариите на Град Скопје, поради хаосот со јавниот градски превоз.
– Секој ден се соочуваме со проблем, со немање јавен превоз, со часови чекање на автобуските станици. Нема да дозволиме на ова студено време, на температури под нулата, нашите жени, деца и стари да чекаат по два-три часа автобус и тоа да биде како на лотарија, ќе дојде или нема да дојде – истакна Дудуш.
Иницијативата на Курто Дудуш е споделена и во фејсбук-групата „Ѕид на Кисела Вода“, каде што се повикуваат граѓаните од оваа скопска општина да му се приклучат на протестот.
Од Град Скопје денеска повторно ја префрлија вината за хаосот во јавниот градски превоз на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата и премиер, Христијан Мицкоски.
– Дали најавите на Мицкоски за преговори со компанија за набавка на 100 електрични автобуси и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје се причината за тригодишната блокада на градот од страна на ВМРО-ДПМНЕ? Изјавите на Орце Ѓорѓиевски и на Александар Николовски дека ќе се реши проблемот со автобусите по локалните избори, се потценувачки кон граѓаните на Скопје. Ако имаат решение, зошто не го понудат веднаш, за што градоначалничката Данела Арсовска повеќе пати истакна дека ќе прифати соработка за доброто на граѓаните – потенцираат градски власти, додавајќи, доколку навистина се грижат за граѓаните, нека донесат автобуси, нека го оправат ЈСП.
Оттаму прашуваат дали се прави оваа штета врз Скопје поради повредената суета на Мицкоски, поради неговиот инает кон градоначалничката Арсовска или за политички да поентира тој на следните локални избори. Воедно, наведуваат дека доколку има Мицкоски решение за ЈСП, зошто неговите советници сега не гласаат за набавка на нови автобуси или за воведување БРТ.
– Зошто чекаа три години и зошто јавно најавуваат дека Скопје ќе биде нивни заложник уште една година? Мицкоски не реализираше ниту едно од своите ветувања за Скопје, а, богами, без да истури 250 милиони во своите општини, тешко дека ќе испорача што било и низ Македонија – децидни се градските власти.
Тие потсетуваат дека Советот три години и веќе 24 седници по ред не гласаат за замена на дотрајаните автобуси со нови, ниту за решавање на хаосот што сами свесно го предизвикуваат во јавниот превоз. А, потенцираат од Град Скопје, согласно со закон, градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, ниту за решавање на кризата во ЈСП, за кое одлуките ги носат во Советот.
(А.П.)