Со максимална ангажираност на сите расположливи работници во три смени, ЈП „Комунална хигиена“ спроведува активности за рачно и за машинско чистење на снегот и на мразот на булеварите и на поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
– Активности за расчистување на снегот и на мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата „Македонија“, помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, како и во Старата чаршија.
Екипите на претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и сите пешачки мостови.
Во Општина Центар, утринава се чистеа тротоарите и приодите до јавните установи како што се амбулантите, здравствените и пензионерските домови, детските градинки, со цел да се обезбеди безбедно движење за сите граѓани.
– Апелирам до жителите, како и до сопствениците на малите бизниси и на рестораните, да ја одржуваат чистотата пред своите објекти. Особено е важно приодите да бидат ослободени од снег и од мраз за да се овозможи безбедно движење на сите. Нашите тимови постојано ја следат состојбата и вложуваат максимални напори за одржување на улиците проодни. Заедно можеме да создадеме побезбедни улици за сите – истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Тој информираше дека се расчистени главните сообраќајници, собирните улици и сервисните патишта во станбените зони за да се овозможи непречено реализирање на секојдневните обврски на граѓаните.
Општина Аеродрoм уште рано изутрина ја ангажираше целокупната расположлива механизација, а на расчистување на снегот работат вработените во Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.
– Сите улици се проодни, а расчистени се и пристапите до јавните установи како што се амбулантите, здравствените и пензионерските домови, детските градинки и полициските станици – информираа од Општина Аеродром.
Општина Гази Баба истакна дека нејзините екипи уште од неделата вечерта се на терен, со цел фрлање на сол и ризла на улиците во повисоките места на Општина Гази Баба – од Црешево до Раштак.
– Целта на оваа акција е превентивно да ги заштитиме улиците од можно замрзнување во раните утрински часови, а со тоа да овозможиме граѓаните непречено да ги реализираат своите секојдневни обврски. Улиците низ нашата Скопска Црна Гора, но и низ цела Гази Баба, се чисти и безбедни – велат од Општина Гази Баба.
И од Општина Бутел велат дека навремено се исчистени сите критични места во Општина Бутел, како и главните улици, сите споредни улици во сите населени места, со цел непречено одвивање на сообраќајот.
– Тимови од Општина Бутел работат на расчистување на сите пристапни патеки до градинките, банките, аптеките, автобуските постојки и тротоарите. Општина Бутел ја следи ситуацијата и ќе продолжи со навременото реагирање – уверуваат од локалната самоуправа.
(А.П.)