Општина Крива Паланка ги интензивира подготовките за одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици, в недела, 19 јануари 2025 година, кога ќе се одржи масовна прослава на градскиот плоштад.
Прославата традиционално ќе се реализира во духот на христијанската религија, почнувајќи со Света богојавленска литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, што ќе започне во 8:00 часот, а еден час подоцна, свештенослужителите од кривопаланечкото архиерејско намесништво ќе ги осветат водите на Крива Река, кај големиот, т.н. „Шанин мост“, од кадешто светиот крст ќе биде положен во водите на реката.
-Одбележувањето на годинешниот верски празник ќе продолжи на централниот градски плоштад, кадешто за сите граѓани општината ќе организира богата, празнична, богојавленска трпеза во рамки на манифестацијата „Пивтијада 2025“. За сите присутни ќе се поделат вусни пивтии приготвени од искусните кулинарски мајстори, топли пијалаци и храна, а и оваа манифестација ќе биде препознатлива по хуманата мисија наменета за средношколците, матурантите од градот во социјален ризик. На плоштадот ќе биде организирана и богата културно-уметничка програма за која се задолжени: Андријана Алачки и Гоце Димовски од „Синтезис“ – информираат од Општина Крива Паланка.
Оттаму ги повикуваат сите граѓани да бидат дел од заедничката прослава на еден од најголемите христијански празници, ден кога, велат – задништвото ќе биде повторно заштитен знак за општината што во изминатата година реализира над 160 настани од областа на културата со манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата”.
И Струга се подготвува за големиот христијански празник Богојавление – Водици. Осветувањето на водите и спуштањето на светиот крст во водите на Црн Дрим, в недела ќе почне во 11 часот на Чаршискиот мост.
Боголужбата во соборниот храм „Свети Ѓорѓи“, од каде и ќе тргне поворката, ќе почне во во 7 часот, а поаѓањето кон Чаршискиот мост во 10 часот и 30 минути.
– Чинот на осветување на водите и спуштање на Светиот крст во водите на реката Црн Дрим ќе го изврши неговото блаженство митрополитот скопски и администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан во 11 часот од Чаршискиот мост – соопштија од соборниот храм „Свети Ѓорѓи“ од Струга.
Волонтерите на Црвениот крст – Струга и годинава ќе бидат дел од манифестацијата, од каде препорачуваат, капачите внимателно да пристапат во студените води на реката Црн Дрим.
– И годинава ќе го покриеме настанот со спасители на вода. Препогачуваме граѓаните да бидат внимателни, да им се даде простор на капачите, безбедно да влезат во студените води. Капачите пак со добра здравствена состојба без претходно конзумирање алкохол да пристапат кон капењето – апелира Адуриме Даути секеретар на струшкиот Црвен крст.
Празникот Богојавление Водици масовно се одбележува во Струга. Секоја година голем број верници скокаат по светиот крст во студените води на Црн Дрим, но голем е бројот и на оние што влегуваат во осветените води за здравје. Оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе има бериќетна година.