Изградени мостови, но нема улици за да ги поврзат!

5533

Еден пешачки и два за сообраќај се трите најнови моста изградени на реката Вардар во Скопје, во последнава деценија. Еден е пешачкиот што ги поврзува двата речни брега близу МНТ и зградата на МЕПСО во центарот на метрополата. Другите два моста се зa сообраќај, но моментално не водат никаде (првиот е мостот на булеварот АСНОМ, кој завршува во Ќерамидница и кој знае кога ќе биде пробиен булеварот натаму, а вториот е во Карпош 4, на улицата „Љубљанска“). Ако нема набрзо булеварско продолжување и овде, и тој ќе биде слеп мост како другите два, кои за ништо нема да ни служат, освен за украс

Во последнава деценија, имаме изградено три нови моста на реката Вардар во Скопје.

Еден е пешачкиот што ги поврзува двата речни брега близу Македонскиот народен театар и зградата на МЕПСО во центарот на метрополата. Другите два моста се зa сообраќај, но моментално не водат никаде (првиот е мостот на булеварот АСНОМ, кој завршува во Ќерамидница и кој знае кога ќе биде пробиен булеварот натаму, а вториот е во Карпош 4, на улицата „Љубљанска“). Ако нема набрзо булеварско продолжување и овде, и тој ќе биде слеп мост како другите два, кои за ништо нема да ни служат, освен за украс.

Во принцип, секој мост има корисна функција, бидејќи овозможува премин на луѓе, возила и на стоки од едната на другата страна на некоја река. Но, на два од овие три моста во моментов може да поминуваат само пешаци и велосипедисти.

ПЕШАЧКИОТ МОСТ КАЈ МНТ

По осумгодишна изградба, во 2021 година беше пуштен во функција мостот кај МНТ. Според првичниот проект, на мостот требаше да се постави панорамско тркало, но со смената на раководството во Град Скопје, проектот се измени и беше завршен мостот без тркалото. Остана само да биде пешачки мост, но ретко кој поминува преку него, бидејќи не води никаде и се наоѓа на стотина метри од двата фреквентни моста „Гоце Делчев“ и Камениот мост.

МОСТОТ „МИХАЈЛО АПОСТОЛСКИ“

Жителите на скопските општини Аеродром, Гази Баба и Центар веќе седум година откако започна да се реализира проектот за нивно поврзување, не се во можност да преминуваат, по скратен пат, од една во друга општина. Причина за тоа е што мостот „Михајло Апостолски“, кој беше изграден за да го забрза сообраќајното поврзување меѓу Аеродром и Автокоманда, сè уште е сообраќајно решение што не води никаде. Претходниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, го изгради мостот, а сегашниот, Данела Арсовска, требаше да ја заврши експропријацијата и да изгради булевар што ќе води до „Ист гејт“.

Арсовска, по стапувањето на функцијата градоначалник на Скопје, рече дека овој мост ќе им служи само на рибарите. Но, потоа даде ветување дека ќе го заврши проектот на својот претходник. Иако поминаа години – сликата е речиси иста. Поставени се бетонски табли на двата краја од мостот за да ги спречат возилата да го поминуваат. Овој премин е единственото место што го користат граѓаните за пеш, со велосипед или со моторче да поминат од другата страна на Вардар, кон Аеродром, каде што е изграден булеварот АСНОМ. Од другата страна, мостот сè уште води во дворови и во куќи. Причина за тоа е бавното решавање на имотноправните работи со граѓаните што имаат свои имоти во Ќерамидница, односно на потегот од мостот „Михајло Апостолски“ до продолжението на булеварот АСНОМ, кој треба да се пробие низ населбата, па сè до булеварот „Гоце Делчев“ кај трговскиот центар „Ист гејт“ и еден крак треба да оди до раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда. На овој начин, новоизградениот мост „Михајло Апостолски“, кој е затворен за сообраќај, ќе стане функционален и населбата Аеродром ќе се поврзе со Автокоманда.

Но, Град Скопје е далеку од завршување на процесот за експропријација. Според информации на жители на Ќерамидница, Градот Скопје нема планирано пари за експропријација оваа година. Фирмите што градат во Ќерамидница, понудиле да ја изградат пристапната улица од мостот до нивните згради, затоа што, како што велат, тоа е причината што продажбата на станови не им е на задоволително ниво и е во стагнација.

Жителите предлагаат да се активираат градските власти и, како привремено решение, да воведат еднонасочен сообраќај низ постојните улици во Ќерамидница за, колку-толку, да се стави во употреба новиот булевар, па и мостот, а со тоа да се растоварат постојните влезови и излези на Аеродром и Ново Лисиче, кои, и без тоа, се изолирани од градот со само четири влеза/излеза.

МОСТОТ „ЉУБЉАНСКА“

Најновиот мост во Карпош 4 е комплетно изграден и е подготвен да се пушти во сообраќај. Асфалтиран е просторот по мостот, сè до оградите на дворовите на првите куќи што ќе се уриваат. Овој мост треба да ја поврзе улица „Љубљанска“ во Карпош 4 со улицата „Скупи“ од другата страна на реката Вардар, со што се скратува патот од Карпош до Злокуќани и Бардовци. Иако изграден, и овој мост во моментов не води никаде. Дополнителен проблем се јавува што се случува на терен една иста парцела да биде во сопственост на повеќе лица, а се случува и да има одредени спорови меѓу сопствениците за даден имот, поради што дополнително се усложнува целосната постапка.

Доктор Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје, вели дека овој мост е комплетно изграден со подарени пари и, како готов објект, му се дава, „како на тацна“, на Градот Скопје (и на државата), ама не може да се стави во функција, бидејќи Градот не изградил пристапни улици поради проблеми со експропријацијата на земјиштето.

– Градењето мост преку река не е едноставна и лесна работа. Бидејќи често се шетам на тој дел од кејот на Вардар, бев сведок на изградбата на мостот. Каква разлика. Гледав како работат околу седуммина работници, но беше вклучена градежната механизација (два големи крана, булдожер и др.). Изведувач на работите беше ГП „Гранит“. Изградбата на мостот траеше околу две години и заврши во јануари 2024 година. Очекував некое свечено отворање пред парламентарните избори, но не се случи тоа ниту тогаш ниту денес. Веројатно, актуелните политички актери согледуваат дека заслугата ја има некој друг – вели Цицонков.

Со пуштањето на мостот во функција и со пробивањето на улицата „Љубљанска“, професорот смета дека придобивките ќе бидат уште поголеми кога ќе се продолжи патот до булеварот „Словенија“, односно до Јадранската магистрала, со што ќе се растовари клучката со булеварот „Никола Карев“ и булеварот „8 Септември“.

– Изградбата на овој мост беше најавена пред неколку години, со целосно финансирање од ТАВ (6,2 милиони евра), како компензација за неизградениот каргоаеродром Штип. А, од почетокот на донесувањето на одлуката за градење на мостот досега поминаа четири-пет години. Зарем тоа не е доволно време да се регулираат имотноправните односи?! Ова ме асоцира на т.н. мост на Шилегов, кој ја поврзува населбата Аеродром со населбата Ќерамидница, преку реката Вардар, изграден во 2022 година, а не може да функционира, бидејќи не може да се направи улицата што ќе минува низ Ќерамидница, поради нерасчистени имотноправни работи – констатира Цицонков.

Тој вели дека сега и најновиот мост ја има истата судбина како мостот „Михајло Апостолски“ и не може да служи ниту за ловење риби, бидејќи нема пристап ниту за луѓето, значи, не може пеш да се помине. Но, за овој мост има надеж наскоро да биде пуштен во сообраќај, бидејќи од јужната страна веќе се работи на пробивање на улицата „Љубљанска“. Согласно со проектот, се работи за ново булеварско решение на оваа улица, со поврзување на новиот мост на реката  Вардар од таканаречен тип „extradosed bridge”. Следно би било поврзувањето на булеварот, преку мостот, до улицата „Скупи“.

ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА

Цицонков вели дека многу е посложена и потешка изградбата на мост преку река отколку пристапните улици, кои треба само да се тампонираат и да се асфалтираат.

– Знаеме дека е во тек изградбата на неколку автопатски делници од страна на „Бехтел и Енка“ и слушаме дека и таму има проблеми околу експропријацијата на земјиштето, кои најверојатно, ќе ја одолжат изградбата. Такви проблеми имало, а можеби сè уште има, при изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Значи, може да се заклучи дека главна пречка при изградбата на улици и патишта во Македонија е експропријацијата на земјиштето. Според тоа, се наметнува потребата од итно упростување на постапката, односно менување на соодветните законски акти со цел постапката за експропријација да се спроведува на поефикасен начин, во смисла на пократок рок – вели Цицонков.

(С.Бл.)