ИНТЕРВЈУ СО МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОРИСТ ПРОФ. Д-Р МАРКО КИТЕВСКИ: Имаме фолклор кој се цени во светот, а кај нас се потценува!

199

 

Професор доктор Марко Китевски е на врвот од галеријата на личности што му го посветиле животот на македонскиот фолклор и што дале огромен придонес во зачувувањето на богатата ризница на македонската традиција. Неговата петдецениска научноистражувачка работа и црпењето директно од изворот на културното наследство се зачувани во седумдесетина авторски дела и во повеќе од четиристотини други трудови (статии, реферати, прикази, рецензии, полемики и сл.). Тие се вистински аманет на македонското минато за идните генерации. За својот ангажман, тој е добитник на повеќе награди, меѓу кои „13 Ноември“ на Град Скопје, „Ѓорче Петров“ на Општина Ѓорче Петров, и на четирите највисоки државни награди „Гоце Делчев“, „23 Октомври“, „Свети Климент Охридски“ и „11 Октомври“. Неговата петта книга од одбраните дела со наслов „Фолклорот во Македонија“ содржи истражувања за собирањето и за објавувањето на македонскиот фолклор од најстари времиња до денес, за познатите и за помалку познатите собирачи на македонски народни умотворби, за фолклорот во одредени региони. Таа е готова и за нејзино објавување, се чекаат резултатите од Министерството за култура. Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР открива дека во моментов работи на книга со наслов „Лебот наш насушен“, книга за лебот во нашата народна култура, во народните песни и приказни, во обичаите и верувањата во минатото и денес. Освен за неговите моментални научноистражувачки преокупации, со него разговараме и за современите случувања, за предизвиците. За ставот на државата кон фолклорот вели: „Денес фолклорот е исфрлен од училиштата, од програмите, од лектирите. Денес се гледа на фолклорот со потценување, иако преку него најдобро се докажува македонската национална самобитност. За жал, и денес, во 21 век, имаме потреба од такво докажување. Имаме фолклор кој се цени во светот, а кај нас се потценува. А, според вредностите, нашите народни песни и приказни се на исто рамниште со најубавите примероци од светската литература. За да се заинтересираат младите генерации за фолклорот, за да го истражуваат, треба прво да го читаат, а за тоа, тој треба да се врати во наставните програми, во учебниците и во лектирите. Има начини да се направи тоа ако се сака, ама, очигледно, не се сака. Еве, во МАНУ нема фолклорист од основањето. Не дека не сме имале научници што го заслужиле тоа. Го имавме професорот Кирил Пенушлиски, кој остави печат на целиот изминат период по војната и беше почитуван во фолклористичката наука и тоа не само кај нас туку и многу пошироко“.

 

Елизабета АРСОСКА

Професоре, може ли на почетокот на разговорот да ни откриете какво богатство најдовте пред многу години, кога нурнавте во изворот на македонскиот фолклор?  

Можам да речам дека живеам со фолклорот од раѓањето, зашто селото во кое сум роден Слатински Чифлик, Охридско и пошироката околина, Дебрца во тоа време изобилуваа со фолклор во најширока смисла на зборот. Песните, приказните, обичаите, верувањата, детскиот фолклор беа дел од секојдневниот живот. Со тој фолклор растев. Подоцна, кога како студент на тогашниот Филозофски, сега Филолошки факултет ги следев предавањата по Народна литература кај професорот Кирил Пенушлиски, станував сè посвесен за вредностите на тоа што не само што ми беше познато туку и беше дел од мене. Тоа беше предизвикот да се определам за истражување на фолклорот.

Вие сте еден од последните, ако не и последен собирач и запишувач на народни умотворби, песни, приказни, но и обичаи, верувања… Зошто новите генерации малку се интересираат за народното творештво и има ли начин да се поттикнат да се вратат на врутокот на фолклорот? Како да се инспирираат за наследството што им го оставиле нивните баби, дедовци?

По Втората светска војна, кога се конституираше македонската држава, кога не постоеше развиена македонска литература, кога немавме ни преводи од странски автори на македонски јазик, народните приказни и народните песни ја пополнуваа таа празнина. Непосредно по војната во 1945 година – идната година се навршуваат 80 години – Блаже Конески ја објави антологијата „Македонски народни песни“, која подоцна доживеа уште неколку изданија, во која направи антологиски избор од најубавите македонски народни лирски песни објавени дотогаш. Во тоа време, оваа антологија имаше функција и на учебник и на лектира. Во тие повоени години се објавуваа и посебни изданија со наслов „Примери од македонската народна поезија и проза“, во кои беа застапени најубавите примероци од нашата народна литература. Тогаш фолклорот имаше и образовна и воспитна функција.

 

Денес фолклорот е исфрлен од училиштата, од програмите, од лектирите. Денес се гледа на фолклорот со потценување, иако преку него најдобро се докажува македонската национална самобитност. За жал, и денес, во 21 век, имаме потреба од такво докажување. Имаме фолклор кој се цени во светот, а кај нас се потценува. А, според вредностите, нашите народни песни и приказни се на исто рамниште со најубавите примероци од светската литература.

За да се заинтересираат младите генерации за фолклорот, за да го истражуваат, треба прво да го читаат, а за тоа, тој треба да се врати во наставните програми, во учебниците и во лектирите. Има начини да се направи тоа ако се сака, ама, очигледно, не се сака.

Еве, во МАНУ нема фолклорист од основањето. Не дека не сме имале научници што го заслужиле тоа. Го имавме професорот Кирил Пенушлиски, кој остави печат на целиот изминат период по војната и беше почитуван во фолклористичката наука и тоа не само кај нас туку и многу пошироко.

Извор, сонце, песна, наследство, јунак, гатанка, приказна, Македонија… ова се клучните тагови со кои модерно можеме да се изразиме кога зборуваме за фолклорот. И секој збор со своја светлина, но изворна. Колку е важно пренесувањето на народното творештво во изворна форма, по природен пат, од колено на колено, како што било во минатото? Или, од друга страна, како може да придонесат новите форми, Интернетот, социјалните мрежи за афирмација и за трансмисија на народното творештво?

Сега се други времиња. Помина времето кога се живееше со фолклорот, кога се раскажуваа приказни на празници и на други собирања, кога се пееја песни, се играа ора, кога трудовите процеси беа придружени со песни, кога песните на свадбите беа строго во функција на обредите. Но, сепак, ако се негува љубовта кон него, тој и денес може да најде место во животот на нашиот човек. Современите комуникациски средства, на почетокот радиото и телевизијата, сега Интернетот и сл., многу негативно се одразија на фолклорот, односно го забрзаа неговото исчезнување во формата во која постоеше. Но, сепак, тие може да бидат од корист, да се филмуваат приказни, да се изработуваат анимирани филмови по народни мотиви, и така да се доближат до младите генерации.

Ако велите дека фолклорот е наша лична карта и идентитет, тогаш зошто така лесно се откажуваме од него

Има повеќе причини. Прво, затоа што се нема слух за вредностите што ги содржи, за пораките што ги праќа. Потоа, науката за фолклорот, но и науката во целина одамна е ставена на спореден колосек. Одамна не се вложува во науката, а и кога се вложува, тоа се прави кампањски, без план. Еве само еден пример. Постои Закон за култура, според кој секој што има барем една државна награда (за култура), добива додаток на пензијата. Може да ги имате сите државни награди, ако се за наука и образование – не добивате никаков додаток. Подолго време науката и образованието како да се проколнати дејности кај нас. И потоа се чудиме зошто сме таму каде што сме.

Друго, тие што составуваат програми или лектири најчесто се автори што гледаат да ги стават своите дела и делата на своите пријатели. Фолклорот се смета за сечиј и ничиј. А, фолклорот е најмногу разбирлив, особено за помладите генерации. Претставите од народната култура за нив се најприфатливи, тие содржат големи народни мудрости, кои може не само да им бидат од корист цел живот туку може и да ги подготват за восприемање на посложени содржини. Какви само вредности, образовни, педагошки и сл. содржат детските говорни игри: брзозборките, броениците, залагалките… Но, тие се потценети и исфрлени и од училишните и од предучилишните програми.

Вашата книга со многу силен наслов „Јунакот падна, бајракот не падна“, која претставува антологија на македонски револуционерни народни песни, покажува како ги опејува народниот пејач, преку песните, историјата и вековната борба за слобода и независност. Што е заедничко во песните?

Заедничко е односот кон татковината. Љубовта кон татковината, готовноста да ѝ се подари животот во името на повисоките идеали. Уште К. Миладинов запишал дека „народните песни се показалка на степенот на умственото развитие на народот и огледало на неговиот живот“. И навистина, народните песни (но и другите народни умотворби) го содржат целокупниот живот на народот. Револуционерните песни, пак, што се содржина на книгата што ја споменувате, ја опеваат револуционерната борба на македонскиот народ за своја слобода и за создавање своја национална држава. Таа песна ги опева настаните, ги велича хероите, ги регистрира страдањата и ги проколнува предавниците. А, нашиот народ вели: на клетва лек нема. Таа песна, во текот на најтешките времиња, го храбрела народот, го одржувала оптимизмот, влевала надеж за подобра иднина. Сите тие пораки се содржани во стихот „Јунак падна, бајракот не падна“. Овој стих го содржи и континуитетот на револуционерната мисла и акција на македонскиот народ што доведе до создавање на македонската држава. Уште пред да ги вреднува историјата настаните и личностите, народот, во своите песни, им го подигнал најголемиот споменик на своите заслужни синови.

Вие сте добитник на голем број награди и државни признанија, а неодамна ја добивте наградата за животно дело „11 Октомври“ во областа на науката, како истражувач на македонскиот фолклор. Што значи за Вас оваа награда, на чие доделување не присуствуваше ниту министерот за култура ниту некој друг функционер?

Секако, оваа награда особено ми значи, затоа што е најголемата државна награда и награда за животно дело. Тоа значи дека со неа е вреднувано сето тоа што го направив во изминатите пет децении и тоа што го правам сега на планот на истражувањето и на афирмацијата на македонското народно творештво и на македонската народна култура воопшто. Верувам дека со седумдесетина книги и над 400 други текстови, со големиот број радио и ТВ-емисии со сценарија за филмови, со јавни настапи и сл., оставив нешто што ќе биде од интерес за идните генерации. Што се однесува до тоа што не присуствуваше ниту еден функционер на доделувањето на наградата, тоа зборува за нив. Ете,имале поважна работа. Доделувањето на највисоката државна награда треба да претставува настан од особено значење, но некој треба да го препознае тоа.

Што се однесува до наградата и до 11 Октомври како светол датум во македонската историја, да ја искористам можноста да ги потсетам надлежните дека треба да ги обноват спомениците и спомен-обележјата од НОБ. И не само тие. Сведоци сме дека тие, намерно или ненамерно, се руинирани и претставуваат срам за нашиот народ. Погледнете ги само спомениците во центарот на нашиот главен град, оние на мостовите изградени во времето на Коце Трајановски – како да поминале најголемите светски вандали. Искорнати се сите табли со имињата, исчкртани, поттурени со боја, вандализирани до немајкаде. И тоа стои така со месеци и години. Ако нè остави Господ без градоначалник, нашиот народ вели: „Да чува Господ од оган, од вода и од лоша жена, треба да се најде некој од мајка роден да го види ова и да го поправи“. Во една мудрост запишана од М. Цепенков се вели: „За едно добро сторено на земјата, се радуваат ангелите на небото“. И не само ова. Видете ја хигиената во градот. Особено на улицата „Македонија“. Градот е преполн со туристи од цел свет и од она што е направено за да се гордееме – ние треба да се срамиме. За нечија памет или за нечиј ќеф. Да не бидам погрешно сфатен, јас верувам во оваа власт, во желбата и енергијата со која работат, но во минатиот период се извршени многу предавства и на државните и на националните интереси, уништени се многу национални вредности. Направена е голема штета. Треба време и трпение и, пред сè, работа да се надомести сето тоа. Цепенков запишал: „Ако е некој улав, не биди му другар“. Мислам се разбираме.

 

Може ли да ни откриете со што сте преокупирани во моментов, може ли да ни откриете на што работите?

Готова е  петтата книга од одбраните дела и за да ја објавам, ги чекам резултатите од Министерството за култура. Таа има наслов „Фолклорот во Македонија“ и содржи истражувања за собирањето и за објавувањето на македонскиот фолклор од најстари времиња до денес, за познатите и за помалку познатите собирачи на македонски народни умотворби, за фолклорот во одредени региони и сл. Инаку, работам на книга со наслов „Лебот наш насушен“, книга за лебот во нашата народна култура, во народните песни и приказни, во обичаите и верувањата во минатото и денес. Ми се виде интересно и провокативно за истражување.

Во пресрет на големиот празник посветен на свети Климент Охридски Чудотворец, да се потсетиме на значењето на најпознатиот ученик на светите Кирил и Методиј во народното паметење, кое, пак, резултирало со мноштво народни легенди и преданија. Има ли некој специфичен момент од неговиот животопис до кој сте дошле во Вашите истражувања, а за кој малку се знае?

Свети Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Како што вели Прличев, тој ја донел светлината во Охрид, зашто пред тоа царувал мракот на паганството. Иако е познат на многу поширок простор, свети Климент само во Македонија има култ. Само во Македонија има легенди и преданија за него. Само македонскиот народ во изминатите векови му палел кандило и му се молел со зборовите: „Свети Клименте златен“. И верувал дека тој го чува од сите несреќи.

Да споменеме дека веднаш по ослободувањето, уште во ноември 1944 година, Поверенството за народна просвета при Президиумот на АСНОМ испратило писмо до народноослободителните одбори во Македонија со инструкции во сите училишта во Македонија „за отпразнување на денот Свети Климент Охридски на 8 декември 1944 година“. Во ова писмо се вели: „По случај, денот на свети Климент Охридски, покровител на нашата сенародна просвета, по целата ни страна ќе се уредуваат торжества. Во тија торжества учителските савети на сите видове училишта во Македонија, се задолжуват, да изработат специјална програма за целта“. Програмата предвидувала реферат за животот и делото на свети Климент, рецитации, песни и масовна веселба на плоштадите, со собирање средства за бедните ученици. Во писмото уште се вели. „Поверенството ни држи многу до овој празник, како прв училишен празник во нашата млада држава да се проведи колку се можи потржествено.“ Со писмото бил испратен и „Реферат за одбележување на 8 декември како ден на свети Климент Охридски“, што требало да се чита на празникот. Уште на почетокот од рефератот се истакнувало: „Во историјата на македонскиот народ има многу големи, многу светли и скапи за нас имиња, посветли од слонцето, поскапи од животот. Меѓу тие големи, светли и скпи, за нас Македонците имиња е и првоучителот на македонските училишта свети Климент Охридски“ итн.

Големиот Прличев уште вели дека: „Неоти свети Климент има нужда од пофалби, неоти може некој достојно да го пофали, но должни сме да си го пофалиме, како што можеме и колку што допушта времето и местото. Добрината треба да ја слават и наведнатите старци и младенчиња што цицаат. (…) Добродетелните мажи се образи божји на земјата. Кога се славит името на светиите тогаш се славит и името на самаго Бога; тогаш и добрината се закрепнува, а лошината ја губи својата држава“.

Свети Климент и денес бдее над македонскиот народ. Затоа почесто да се сеќаваме на него и да речеме: „Вечна му памет! За многу години!“