Часовникот на Кајевски со необичен дизајн, како референтни точки (маркери) за стрелките не ги прикажува броевите 12, 3, 6 и 9, кои се стандардни кај речиси сите аналогни модели, туку 11, 5 (V) и 8, како и 11 минути (наместо 2 часот). Интересно е и што во неговиот дизајн има микс на римски (за V) и арапски броеви (останатите). Исто така, датумот може да се види внатре, во петката (V), и е прикажана само позицијата на единици, за бројката да биде поголема. А круната (за навивање и поставување на времето), пак, е долниот дел од бројот 8, што досега во историјата на изработката на часовници никој не го направил. Часовникот со необичен дизајн го носи името „11i11 saat“, а како свој бренд од неодамна го лансираше Петар Кајевски, нашинец кој живее и работи во Виена. Часовникот можат да го носат и мажи и жени, со избор на разновидни ремчиња од врвен австриски производител. Кајевски вели дека часовникот е многу популарен кај женската популација. Повод за разговорот со Кајевски, во весникот ВЕЧЕР, е токму часовникот „11i11 saat“

Петар Кајевски е меѓу првите Македонци кои направиле свој бренд рачни часовници. Часовниците се со необичен дизајн, и постојат во автоматик механичка и кварцна верзија. Брендот го носи името „11i11 saat“, и неодамна беше лансиран во Виена од Кајевски, скопјанец кој живее и работи во главниот град на Австрија. Повод за разговорот со Кајевски во весникот ВЕЧЕР, е токму часовникот „11i11 saat“. Како што вели тој, кој од 2008 година живее во Виена и често доаѓа во Македонија, идејата за дизајнот на часовникот дошла сосем случајно, иако тој нема познавања за изработката, ниту во механичкиот, ниту во дизајнерскиот дел. По занимање е бизнис консултант и консултант за информатичка технологија. Како што кажува, професионално бил ангажиран во речиси сите индустрии, освен со мода, луксузни производи и часовници. Како дел од македонската дијаспора која сака да помага во Македонија, веќе лани со брендот бил спонзор на Струшките вечери на поезијата.

„Во 2017 станувам љубител на часовници, а веќе 2019/2020 додека гледам во бројките, бројот 11 и бројот 2 римски (II) ми изгледаат слично. Овде имаше влијание и моето хоби – игра на зборови. Со графичкиот дизајнер Небојша Гелевски – Бане, со кого се знам веќе 30 години, и кој е вљубеник во типографија и фонтови, решивме да направиме нешто. Заради корона пандемијата, со тимот дизајнери од Скопје (студио „Кома“ и Апостол Тноковски) имавме време повеќе да размислуваме на идејата и дизајнот. Првите прототипи излегоа во 2022, а вистинските, пак, стигнаа пролетта минатата година. Производството на кварцните модели заврши во септември, на механичките во декември 2024“, вели Кајевски додавајќи дека механичкиот и кварцниот модел од брендот „11i11 saat“ се веќе достапни на пазарот.

Часовникот на Кајевски со необичен дизајн, како референтни точки (маркери) за стрелките не ги прикажува броевите 12, 3, 6 и 9, кои се стандардни кај речиси сите аналогни модели, туку 11, 5 (V) и 8, како и 11 минути (наместо 2 часот). Интересно е и што во неговиот дизајн има микс на римски (за V) и арапски броеви (останатите). Исто така, датумот може да се види внатре, во петката (V), и е прикажана само позицијата на единици, за бројката да биде поголема. А круната (за навивање и поставување на времето), пак, е долниот дел од бројот 8, што досега во историјата на изработката на часовници никој не го направил.

„Мојот производител во Швајцарија го контактирав на крајот на 2022 година, имавме доста дискусии околу преточувањето на нашите дизајни во крајни технички документи за производство. Работата беше во тоа што невообичаениот изглед на часовникот поставуваше нови технички и производни барања – не многу сложени погледнато во пошироката слика на производство на часовници, но нови за продуцентот и неговите кооперанти. На пример, за да се добие подобар ефект за бројот 8, потребно беше врвот на круната да биде на иста висина со внатрешниот прстен за бројката 8. Тоа пак бараше усогласување на круната, куќиштето и бројчаникот – тоа се три различни компоненти, произведувани од три различни кооперанти, кои обично немаат потреба за симултано меѓусебно усогласување“, истакнува Кајевски.

Часовникот можат да го носат и мажи и жени, со избор на разновидни ремчиња од врвен австриски производител. Кајевски вели дека часовникот е многу популарен кај женската популација.

Посочува и дека иако неговиот бренд првобитно насочен кон љубителите на часовници, се покажало дека е поинтересен за љубители на дизајнот и уметноста кои не се нужно големи љубители на часовници. „Иако сега голем број луѓе не носат часовници или носат смарт-часовници, сепак сè уште има луѓе кои сакаат класични рачни часовници. Механичкиот модел е наменет за љубителите на часовници, кои повеќе ги ценат механичките од кварцните механизми, иако кварцните се и попрецизни и поевтини. Дизајнот на часовникот „11i11 saat“, било механичкиот или кварцниот модел, пак, ги привлекува оние кои ги сакаат уметноста, дизајнот, убавото и необичното“.

Заинтересирани за часовниците, како што вели Кајевски, сè повеќе има, а брендот го презентирал и на саеми. Со нивна промоција на меѓународната сцена треба да започне годинава. Часовниците од крајот на 2024 се достапни и во Македонија.

За интересното име на брендот „11i11 saat“ вели дека не само што е разбирливо за нашето говорно подрачје, туку дека по случајност „11 и 11“ се користи и на швајцарски германски. А исто така, дел од логото е (II/II) е на кирилица.

„За часовникот имам добар и позитивен фидбек, главно од љубители на дизајн. Мислам дека е дизајнерско достигнување и имам амбиции да се натпреварувам со него на реномирани натпревари за дизајн. Интересно е што за многу класични љубители на часовници, моделите на „11и11 саат“ имаат премногу необичен дизајн. Во врска со дизајнот, јас често се шегувам дека часовникот има функција „вештачки подобрувач на интелигенцијата на носителите“. Кога други луѓе им го гледаат часовникот, без да ги имале десетте секунди објаснување на бројчаникот, тогаш нив им се чини дека носителите мора да се многу интелигентни за да го читаат времето“, додава Кајевски.

Се согласуваме заедно дека неговата случајна и необична идеја, храброста, можноста да ја финансира изработката на првата серија, но и искуството од неговата професија (работата во многу различни бизниси и со многу клиенти и луѓе) придонеле ваков интересен часовник, чие мото е “самоуверено различен“ да ја види светлоста на денот. Како што додава Кајевски, рачниот часовникот веќе речиси за никој не е потреба, не е нужно ниту престиж, туку повеќе се работи за естетиката и елеганцијата на личноста, како и поврзување со одреден бренд.

Наташа Илиевска-Таневски

Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ