Заедницата на единиците на локалната самоуправа иницира зголемување на глобите за создавачите на диви депонии. Наместо од 50 до 200 евра, тие да изнесуваат од 4.000 до 6.000 евра, но и да постои можност службите од општината да го запленат и возилото, па подоцна тоа да му биде предадено на МВР.
– За жал, поради 1, 2 или 5 проценти од нашето население што се однесува несовесно, ние се доведуваме во состојба да страда целата населба, целата општина, дури и целата држава да има проблеми. Така што верувам дека ќе имаме апсолутна поддршка да ги направиме измените и за овој дел – изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, пред почетокот на Седмото генерално собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Што се однесува за воведувањето комунална полиција, тој кажа дека очекува нејзино скоро формирање.
– Веќе има изготвено предлог-текст на закон, односно измени за истиот. Ние веќе имавме средба со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Повторно ќе имам координативен состанок со него, на кој, меѓу другите точки, ќе го разгледаме и ова прашање. Верувам дека ќе биде донесено и тоа законско решение во блиска иднина – истакна Ѓорѓиевски.
За тоа до каде се измените на Законот за локална самоуправа и дали, доколку се донесе законот до крајот на овие мандати, сега ќе се бара отповикување на некои градоначалници и кои би биле тие, Ѓорѓиевски информираше дека се формирани работни групи, кои интензивно работат на оваа проблематика и за надминување на проблемот што постои сега согласно со законските регулативи, а беа поттикнати како иницијатива од ЗЕЛС, поради состојбите, пред сè, во Градот Скопје.
– Не е доволно да направиме решенија како што имало честопати примери во минатото, кои ќе бидат на краток рок, туку нам ни треба темелна реформа, која ќе овозможи измената на законското решение да има ефект и во перспектива, за и оние што ќе дојдат по нас да не се соочуваат со проблем како што се соочуваме ние. Пред сè, тоа да биде во интерес на граѓаните, бидејќи сите ние сме избрани од нив. На овој начин, градоначалникот, кога ќе влезе во просториите на општината, ќе знае дека како што ја добил поддршката од граѓаните, дека ќе може тие да му го одземат мандатот и многу порано од истекот на мандатот – наведе Ѓорѓиевски.
Тој не сакаше да спомене индивидуално за кои градоначалници би се барало отповикување, но повтори дека најалармантна е состојбата во Градот Скопје.
– На овој начин, градоначалникот, кога ќе влезе во просториите на општината, ќе знае дека како што ја добил поддршката од граѓаните, дека ќе може тие да му го одземат мандатот и многу порано од истекот на мандатот. И тоа е единствен правилен начин да имаме функционални локални самоуправи и градоначалници што исклучиво ќе бидат водени од интересот на граѓаните – истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нема прецизна информација дали планира Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за ЈСП „Скопје“.
– Знам дека претседателот на Владата го изјави тоа. Знам дека размислуваат сериозно на таа темам затоа што ги засега сите скопјани и тоа не е единственото прашање што предизвикува голгота за скопјани во моментов. Имаме проблем со „Комунална хигиена“, со нефункционалноста на ЈП „Паркови и зеленило“ и, за жал, за првпат во историјата – со нефункционалноста на „Водовод и канализација“ – посочи Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека Управниот одбор на ЗЕЛС до крајот на оваа година ќе има состанок со Владата и со претседателот на Владата и верува дека ќе биде отворено и ова прашање.
Прашан дали проблемите со донесувањето на буџетот на Град Скопје за 2025 година може да предизвикаат блокада и на другите општини во градот, рече дека тоа прашање ќе се разгледа на Генералното собрание на ЗЕЛС.
– Арсовска, во принцип, од моментот кога е променета од позицијата претседател на ЗЕЛС, многу ретко, речиси никогаш не учествува во работата и функционирањето на ЗЕЛС, и тоа е нејзина одлука. Но, сега е присутен претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, и секако дека ќе разговараме за тоа. Ќе барам од Славески да елаборира за состојбите и откако ќе ги добиеме сите релевантни информации, соодветно ќе бидете информирани – рече Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека на седницата на Седмото генерално собрание на ЗЕЛС ќе се дискутира за состојбите и за сите оние проблеми што се надминати оваа година, а ќе се разговара и за плановите и за предизвиците во перспектива за наредната година. Притоа, како што нагласи Ѓорѓиевски, ќе биде ставен силен фокус на унгарскиот кредит и на повикот што треба да се случи следната година, односно во февруари, како и на законските пречки со кои се соочуваат општините и на нивното надминување.
(А.П.)