Невладините организации и здруженија, в сабота во 12:30 часот, повторно ќе организираат протестен марш пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), за правото за чист воздух. Оттаму протесниот марш ќе продолжи кон Собранието на Република Македонија, потоа кон Владата и ќе заврши пред бараките на Град Скопје. Тие бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки што ќе го заштитат здравјето на граѓаните и ќе го подигнат квалитетот на животот
Невладините организации и здруженија, в сабота во 12:30 часот, повторно ќе организираат протестен марш пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), за правото за чист воздух. Оттаму протесниот марш ќе продолжи кон Собранието на Република Македонија, потоа кон Владата и ќе заврши пред бараките на Град Скопје.
Од „Зелен хуман град“ велат дека се поминати речиси три недели од претходниот протест, кој се одржа на 10 декември и дека и по две недели откако се доставени барањата до институциите на 16 декември, одговор од институциите нема.
– Без чист воздух, нема здравје. Без здравје, нема живот. Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките – нагласуваат од „Зелен хуман град“.
Тие бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки што ќе го заштитат здравјето на граѓаните и ќе го подигнат квалитетот на животот.
Од итните мерки, за чија реализација оставаат рок до 1 јули 2025 година, тие ги наведуваат: прогнозирање на температурните инверзии, транспарентна работа на индустријата, целосна забрана за увоз на отпад во Македонија, освен отпадно железо и челик, намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобилите, забрана за увоз на стари возила, велосипедска инфраструктура, итна набавка на нови автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, измена на Законот и на Правилникот за урбанистичко планирање со цел хуманизација на просторот, измена на Законот за градење и на Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање со цел ефективна заштита на зеленилото, измена на Законот за урбано зеленило со цел зачувување на зеленилото. Потоа, заштита на зеленилото преку комплетирање и континуирано ажурирање на Зелениот катастар, заштита на зеленилото и шумата на Водно со строги критериуми внесени и во Деталниот урбанистички план за Водно Ј07, измена на Законот за енергетска ефикасност, како и измена на Правилникот за обновливи извори на енергија заради демонополизација на ресурсот.
Тие бараат и среднорочни мерки, за чие спроведување оставаат рок најдоцна до 1 јануари 2027 година. Тоа се: густа мрежа на мерни станици, законски измени за управување со отпадот во согласност со концептот нула отпад, изградба на сеопфатна велосипедска мрежа. Од среднорочните мерки се и поставување фотоволтаични системи за генерирање а електрична енергија на покривите на јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините и промена на нееколошкиот начин на загревање на сите јавни објекти што користат мазут, екстра лесно гориво, дрва, јаглен итн., субвенции за фотоволтаични (ФВ) системи за индивидуални домаќинства и субвенции за енергетски ефикасни фасади на објектите за домување. Исто така, и систем за изнајмување велосипеди, конечно решение за затворената депонија Вардариште, како и холистички пристап кон барањата на ЕУ.
Од „Зелен хуман град“ очекуваат в сабота секој граѓанин на Скопје и секој што може од другите градови да се приклучи на протестот за чист воздух.
– Да ја испратиме 2024 година со чиста совест, дека сме направиле најмалку што можеме за нашето здравје и за здравјето на идните генерации. Колку повеќе сме толку поголем ќе биде притисокот за вистински промени. Воздухот што го дишеме не е за преговарање и немаме повеќе време за чекање – децидни се од „Зелен хуман град“ .
Секоја година, околу 3.828 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2,5. Ова претставува 17,7 % од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот што едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
(А.П.)