Општина Кисела Вода денеска започна акција за генерално чистење на јавните површини, улиците и парковите на своја територија, со цел да обезбеди почиста и поздрав животен амбиент за граѓаните. Активностите започнаа од населбата Цветан Димов и во наредниот период ќе бидат опфатени сите 15 населби и населени места во општината.
-Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини. Се мете и рачно, но и со новите метларки кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Се мијат плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, се санира и несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните простори – информираат од локалната самоуправа.
Оттаму најавуваат дека за околу две седмици ќе биде организирана нова акција за бесплатно подигнување на кабаст отпад, кој потоа ќе биде соодветно складиран на депонија. За оваа активност граѓаните ќе бидат дополнително известени.
-Обезбедувањето на чиста и здрава средина за граѓаните е наш врвен приоритет. Со новонабавените метларки и со ангажманот на нашите сезонските работници, Кисела Вода станува почисто и поуредено место за живеење – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до граѓаните да покажат поголема свест и одговорност во одржувањето на хигиената во населбите.
Утре, активностите продолжуваат во населбата Драчево, во четврток во Расадник и 11 Октомври – Згради, а следната недела акцијата ќе продолжи и во сите останати месни и урбани заедници, согласно веќе изготвениот динамички план.
Претходно ваква акција започна и Општина Центар.