Град Скопје го доби признанието Европска диплома, кое го доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, како награда за промовирањето на европскиот идеал и исклучителна меѓународна соработка и активности. Дипломата и беше доделена на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како признание за особена активност во промовирањето на Eвропскиот идеал и вредности.
– Тоа што ја издвои нашата апликација од стотиците кои ги оценува и избира Парламентарното собрание на Советот на Европа се многубројните проекти со збратимените градови, активностите со европските градови, соработката и партнерства кои вклучуваат размени во образованието, младинска работа и културни активности. Бројните Европски настани вклучуваат учество во Европската недела на локална демократија, учеството во меѓународните хуманитарни акции како одраз на солидарност и членството во европските и меѓународни организации – соопштија од Град Скопје.
Европската диплома во Палатата на Европа во Стразбур, се доделува од 1955 година и од нејзиното отпочнување до денес, градот Скопје е прва општина од Македонија која го добива ова признание.
Воедно, Градот Скопје е добитник и на награда од 50.000 долари од Младинскиот климатски акциски фонд, за отворањето и успехот на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот со поддршка на УНДП и УНИЦЕФ, кој градоначалничката Данела Арсовска го претстави на COP28 Локалниот самит за климатски активности.
Наградата е за иницијативи предводени од младите за рециклирање или намалување на отпадот, од Младинскиот климатски акциски фонд кој обезбедува техничка помош и финансирање за активирање на илјада млади на возраст од 15 – 19 години за управување со био отпад, дизајнирање и производство на рециклирани производи во рамки на биотехнолошката лабараторија.
– Младинскиот климатски акциски фонд на COP28 избра градови кои имаат организациски капацитет и потенцијал да ги регрутираат младите за изнаоѓање решенија – соопштија градските власти.