Денесдка, точно напладне Скопје беше преплавено од Дедомразовци. Стотици граѓани облечени во костими на Дедо Мраз, учествуваа на десеттата традиционалната новогодишна трка, на која се натпреваруваа и возрасните, но и оние најмалите. Пред почетокот на трката, тие се загреваа во присуство на фитнес-инструктор.
Стартот на трката беше на плоштадот „Македонија“, а учесниците продолжија да трчаат по кејот од страната на ГТЦ, потоа, преку мостот „Слобода“, на булеварот „Филип Втори“, па на спротивната страна на кејот, почнувајќи од МНР кон Камениот мост, преку кој стигнаа на целта, каде што и започнаа, на плоштадот „Македонија“. Трасата беше долга два километра.
Настанот продолжи со прогласување на победниците. Најбрзите Дедомразовци и Бабамразици за 2024 година добија: за освоено прво место – златен медал и вредносен ваучер од 7.500 денари, за освоено второ место – сребрен медал
и вредносен ваучер од 6.000 денари и за освоено трето место – бронзен медал и вредносен ваучер од 5.000 денари.
Најбрзите момчиња и девојчиња до 10 години за 2024 година (родени 2014 година и помали) за освоено прво место добија златен медал, за освоено второ место – сребрен медал и за освоено трето место – бронзен медал. Исто така, беше организирана и лотарија, а и секое дете до 10 години (родено 2014 година и помало) доби новогодишно пакетче.
Фото: (Ѕ.П.)