Со своето доаѓање, Дедо Мраз ќе донесе дел од новогодишните магија и расположение и во Спировата Колиба. Последната тура на планинарско-спортскиот клуб „Скопска Црна Гора“, која ќе се одржи в недела, ќе биде перфектен крај на, како што велат, една многу успешна клупска година.
– Поканата важи за секој со основна подготовка за планинарење, со две патеки за оние што сакаат подолго пешачење и за оние на кои ќе им треба малку повеќе време да се расонат и да се одморат. За сите ќе има чист воздух, убав сончев ден со многу насмевки и позитивна енергија, каква што има секогаш со планинарите од Скопска Црна Гора – повикуваат од планинарскиот клуб.
Подолгата патека е со почеток од Љубанци, последна автобуска станица на линијата со бројот „47“, во 8:00 часот. Должината на патеката е 15 километри во двата правца.
– Ќе се пешачи по дел од Манастирската патека 3 и ќе се спои во Бродец со групата што е поспана и ќе тргне од Бродец. Вкупното време на движење во еден правец е три-четири часа. Втората патека за оние побавните стартува од Бродец – Спирова Колиба, поаѓањето е во 10:00 часот. Вкупната должина на оваа патека во двата правца е седум километри, додека движењето во еден правец е еден и пол час.
Превоз не е предвиден. До Љубанци има автобус со бројот „47“, кој поаѓа од Транспортниот центар (Железничка), во 7:15 часот.
Организаторите велат дека Дедо Мраз им порачал на најмалите да се пријават кај нив, да почнат да планинарат и дека тој ќе им обезбеди топол чај и новогодишни пакетчиња.
Од опрема, потребно е секој да има потопла зимска облека во слоеви и доволно во ранец за да има сува за пресоблекување. Потоа ракавици, капа, поткапа, бандана за заштита од студ, планинарски стапчиња и обувки што се доволно топли и водонепропустливи поради снегот што го има на Скопска Црна Гора.
За оние на кои ќе им биде малку, организаторите велат дека може да се оди на Пржар или Црн Камен, во зависност од условите на патот.
(А.П.)