Општина Кисела Вода во соработка со „Green Road“ ДОOЕЛ, како и во консултација со Министерството за внатрешни работи, започнува со обемна активност за системско решавање и отстранување на хаварисаните/отпадни возила од јавните површини на територијата на општината. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски нагласи дека ова особено важи за оние во Расадник кои паркинзите ги узурпираат и користат за препродавање на автомобили.
-Инспекциските служби на општината во текот на следните неколку дена ќе започнат активност за мапирање на отпадните возила и ќе започнат постапка со која ќе се утврдува сопственоста, како и тоа дали истите се регистирани и имаат платено обврски кон државата – објасни Ѓорѓиевски.
Согласно Законот за управување со дополнителните текови на отпад и член 63 од Законот за безбедност во сообраќајот, возилата кои ќе бидат евидентирани како отпадни и без регистарски таблички ќе бидат отстранети, доколку тоа не го стори сопственикот согласно дадениот рок од неколку денови.
По завршувањето на постапката возилата ќе бидат отстранети и однесени во отпадно депо, каде што граѓаните ќе имаат право да ги повратат. Во спротивно, ќе бидат третирани како отпаден метал.
Од Општина Кисела Вода апелираат до жителите сами да си ги отстранат возилата согласно дадените рокови за да не подлежат на трошоци.
-Наша цел не е казнување туку воведување ред во оваа сфера. Крајно време е да ги ослободиме паркинзите во Кисела Вода – нагласи Ѓорѓиевски.