Речиси сите училишта во Англија ја забранија употребата на мобилни телефони од страна на учениците, покажа првото национално истражување. Претседателот на Националниот образовен синдикат (NEU) повика на законска забрана за телефони во училиштата, наведувајќи го „штетното влијание“ врз младите луѓе, пишува „Гардијан“, пренесува „Танјуг“.
Истражувањето, нарачано од детската комесарка за Англија, Рејчел Де Соуса, покажа дека директорите на училиштата брзо воведоа забрана за користење телефони за време на часовите. Истражувањето опфати повеќе од 15.000 училишта и покажа дека 99,8 отсто од основните и 90 отсто од средните училишта вовеле некаква забрана.
Годишната конференција на NEU следната недела ќе ги разгледа предлозите кои повикуваат на построга регулација на социјалните медиуми за отстранување на штетните содржини, вклучувајќи насилство и закани врз жените.
Министерката за образование Бриџит Филипсон рече дека мобилните телефони „апсолутно немаат место во училниците“ поради потенцијални одвлекувања. Истражувањето на училишната политика покажа дека има одредени варијации во видовите на забрани. Повеќето основни училишта бараат од учениците да ги предадат своите телефони на наставниците или да не ги носат на училиште. Сепак, 79 отсто од средните училишта им дозволуваат на учениците да чуваат телефони, но им забрануваат користење, додека осум отсто бараат од нив да ги предадат телефоните, а само три отсто им забрануваат на учениците да носат телефони на училиште.
Детскиот комесар истражуваше колку време децата на возраст од осум до 15 години поминуваат на телефони, таблети или компјутери, при што 23 отсто рекле дека поминуваат повеќе од четири часа дневно, додека 20 отсто трошат помеѓу три и четири часа. Де Соуса истакна дека овие деца „не го прават тоа додека се на училиште“.
„Ако сме сериозни да им помогнеме на децата да ги искористат многуте придобивки од интернетот, треба сериозно да се зафатиме со регулирање на она што тие можат да го видат, каде можат да го видат и да ја ограничиме штетата што технолошките компании моментално ја предизвикуваат на нивното здравје, внимание и безбедност“, заклучува Де Соуса.