Извршен е упад во водоводниот систем, загадена е водата во Булачани 2

38

ЈКП „Гази Баба 2007“ информира дека вчеравечер бил извршен упад во водоводниот систем во населеното место Булачани 2, при што согласно со законските прописи, станува збор за загадување на водата, за што, како што велат, следува кривична одговорност.

Настанот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, кое презема соодветни мерки за истрага и за санкционирање на сторителите.

– Безбедноста и сигурноста на нашите граѓани се наш приоритет и затоа ниедно дело што се коси со нашата работа, како и секој потенцијален обид да им се наштети на нашите корисници, нема да остане неказнето – потенцираат од ЈКП „Гази Баба 2007“.

Директорот на ЈКП „Гази Баба“, Игор Атанасовски, вели дека во интерес на истрагата, не смеат да даваат информации додека не се разјасни случајот.

– Не сакаме да шпекулираме дали се работи за поголема количина хлор или за нешто друго. Ќе покаже истрагата. Кога ќе имаме официјални податоци, јавноста ќе биде запознаена – изјави Атанасовски.

Тој потенцираше дека веднаш е испуштена водата од резервоарите за да не се случат несакани последици за здравјето на жителите.

Од претпријатието ги повикуваат сите граѓани што имаат какви било информации во врска со овој настан, да пријават во МВР или во ЈКП „Гази Баба 2007“.

– Соработката е од клучно значење за зачувување на јавната безбедност и за нормално функционирање на водоводниот систем – децидни се од претпријатието.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ