По кавгата на американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот Володимир Зеленски минатата недела во Белата куќа и вчерашното замрзнување на американската помош, се обновуваат надежите дека наскоро е можно седнување на зелена маса за да се донесе мир во Украина.
Од својот два и полчасовен говор пред конгресот, со што влезе во американската историја како претседател со најдолго обраќање пред конгресмените, Трамп сосема на крајот одвои време да ја каже најголемата вест – дека добил писмо од Зеленски. Овој пат тој зазема попомирлив тон кон него, но американската помош за Украина и понатаму останува замрзната. Како што пренесе „Ројтерс“, советникот на Белата куќа за национална безбедност, Мајк Волц, рекол дека Украина повторно ќе добива помош ако се договорат мировни преговри и ако се изгради доверба.
-Во писмото се вели дека Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближиме до траен мир. Го ценам тоа што тој го испрати ова писмо, штотуку го добив пред малку, рекол Трамп.
Според него, во писмото, меѓу другото, Зеленски вели: „Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силното водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир што ќе трае. Навистина цениме колку направи Америка за да ѝ помогне на Украина да го зачува својот суверенитет и независност“.
Украинскиот претседател наводно напишал нешто и за договорот за минерали и изјавил дека е подготвен да го потпише.
-Во однос на договорот за минерали и безбедност, Украина е подготвена да го потпише во секое време погодно за вас, напишал Зеленски, им пренесе Трамп на конгресмените.
Неколку часа претходно Зеленски објави изјава на платформата „Х“, во која рече дека е „време да се стави ред“. Тој, исто така, изрази подготвеност да размисли за делумен прекин на огнот доколку Русија се согласи на таков чекор. Зеленски во изјавата наведува и неколку почетни чекори: ослободување на воените заробеници, прекин на огнот во воздушниот простор со забрана за проектили, далекосежни дронови и бомби врз енергетската и друга цивилна инфраструктура и моментално примирје на море.
Во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги поздрави изјавите на Трамп во текот на ноќта дека Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро и да разговара за мир. Тој рече дека а изјавата на Трамп гледа позитивно, но нагласи дека прашањето е со кого ќе се седне на маса и потсети дека забраната на украинската влада за преговори со Русија сè уште е во сила.
-Затоа овој пристап е генерално позитивен, но деталите не се променети, прокоментира Песков.
Британски министер за одбрана Џон Хили вчера отпатува за Вашингтон, каде денеска ќе се сретне со американскиот колега Пит Хагсет со кој ќе разговара за завршување на војната во Украина, додека Велика Британија продолжува да соработува со Европа и со САД за постигнување мировен договор.
Во меѓувреме, главниот советник на Зеленски, Андриј Јермак, ја повика Русија да ги прекине секојдневните напади ако сака мир. Белорускиот претседател Александар Лукашенко вчера предложи мировните преговори со учество на Трамп да се одржат во Минск, за што доби поддршка од Москва.