Манчестер Сити успеа да победи само два пати на последните 13 одиграни натпревари. Во таа серија има дури девет порази и тимот е во резултатска криза во која ја нема од преземањето на Пеп Гвардиола во 2016 година. Сосема неочекувано, дел од вината презеде и најдобриот фудбалер во дресот на „граѓаните“, Ерлинг Халанд.
Норвешкиот напаѓач минатата сезона во англиското првенство постигна 27 гола на 31 натпревар, а претходната година дури 36 на 35 натпревари во Премиер лигата. Почна добро и оваа сезона, но на последните шест натпревари постигна само еден гол, а на последните 13 првенствени вкупно четири.
Халанд истакна дека „не е доволно добар“ и дека тоа е и причината поради која Сити моментално е само седмиот тим во англискиот шампионат, со 14 бода помалку од водечкиот Ливерпул, кој има и натпревар помалку. Има се помалку луѓе кои мислат дека Сити ќе ја одбрани титулата и се повеќе луѓе кои го обвинуваат норвешкиот напаѓач за пад на формата, но не и Гвардиола.
„Се работи за нас, не само за еден играч. Кога претходно постигнувавме многу голови, Ерлинг профитираше поради работата на тимот. Сите ги чувствуваат проблемите во последниот ред и во средниот. Би било лесно да се каже дека поединец е виновен за нашата криза, но тоа не е точно, Ерлинг беше важен за нас, тој е важен сега и ќе биде во иднина“, изјави Гвардиола.
Оваа сезона Халанд има 14 гола на 18 првенствени натпревари и вкупно 19 од 25 натпревари во сите натпреварувања. На последните три натпревари во кои играше остана без гол, асистенција, создадена можност и шут. Сити на тие натпревари загуби од Јувентус, Манчестер Јунајтед и Астон Вила.