Собранието со 68 гласови „за“ и 17 „против“, по скратена постапка го донесе Законот за задолжување на Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.
– Владата имајќи го позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедување на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500 милиони евра.
Унгарската Експорт-импорт банка изрази подготвеност за доделување на вториот заем и во преговори со истата усогласен е текстот на договорот за заем кој е даден во прилог на овој предлог-закон, изјави заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Истакна дека условите за заемот се исти како и за првиот заем, истиот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс-период од три години, со каматна стапка која ефикасна и изнесува 3,25 проценти.
На Експорт импорт банка ќе ѝ се плаќа провизија за евентуално неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.
Овие средства ќе бидат искористени за еврообврзницата која доспева на почетокот на следната година.
-Овие средства ќе бидат оперативни од следната година и ќе бидат наменети за раздолжување за еврообврзницата земена од претходната влада. На 25 јануари истекува рокот на еврообврзницата земена во 2018 година од претходната влада. Со тоа ќе се раздолжиме т.е. која и да било идна влада ќе нема обврска да исплаќа еврообврзница, изјави претходно премиерот Христијан Мицкоски.
Средствата од првиот дел од кредитот во износ исто така од пола милијарда евра се наменети за компаниите и за локалните самоуправи.
По скратена постапка со 68 гласа „за“ и еден против беше донесен и Предлог-законот за гаранција на Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента II: ФЕ Битола 2 и Компонента III: Ветерен парк Богданци – фаза 2, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и АД за производство на електрична енергија ЕСМ, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка.
.