„Поминаа годините од како згасна гитарата на најпознатиот штипски музички бренд Душан Дуле Љубисављевиќ, за нас едноставно само „Дуле и Коки“. Но, не беше само Дуле, ниту само Коки, секогаш двајцата ги викавме Дуле и Коки. Живееше бурно, замина тивко. При секое мое доаѓање во Штип на „Макфест“, прво доаѓам кај тебе, ти оставам цвеќе и ти раскажувам што има ново во музиката. Те “ловев“ со фотоапаратот кога немаше мобилни и кога се појави тоа чудо од техниката, не се двоеше од мобилниот, само читаше пораки.
Познатата новинарка Маја Крстиќ со Дуле и Коки на “Макфест“
И само ќе ми кажеше: „Мајче, чекај да се наместам убаво“. Последните две фотографии се, за жал и последните, кога те снимив на „Макфест“, обидувајќи се да те оттргнам за момент од читањето на пораките на мобилниот….“, вака емотивно раскажува по повод 11 години од смртта на омилениот штипски музичар, познатата естрадна новинарка Маја Крстиќ, големата пријателка на Дуле, а која одлично ја знаеме од (некогашната) ревија „Екран“.
Тој заедно со неговиот другар Коки се прослави со големиот хит „Виолина и гитара“, со кој убедливо победија на Макфестовскиот забавно-музички фестивал во 1996 година, во остра конкуренција на многу југословенски пејачки ѕвезди: Мери Цетиниќ, Киќо Слабинац, Слаѓана Милошевиќ, Дадо Топиќ, Мони Ковачич, Кемал Монтено, Марина Перазиќ, Зорица Конџа, Радојка Шверко…. Дуото потоа испеа уште многу други слушани песни, а со песната „Марама“ како претставници на Македонија ја освоија публиката на некогашниот Интернационален фестивал во градот Зрењанин, Србија.
Дуле Љубисављевиќ секогаш (нај)омилен во друштвото на естрадните колеги и новинари
Душан е роден во Штип, на 29 мај 1974 година, а почина на 23 септември 2013 година. По завршувањето на средното образование, се пресели во Скопје, со цел да направи кариера, во што и успеа. Неколку месеци пред смртта беше ангажиран и во угостителството, во својот ресторан „Доменика“. Здравствената состојба на Душан Љубисављевиќ беше тешка и, за жал, тој ја загуби повеќемесечната борба со ракот на црниот дроб. Неговата матична општина – Штип го прогласи денот кога почина, за Ден на жалоста….. Во приватниот живот, Дуле најпрво беше во брак со Санда Перковска, па потоа пак се ожени, со струмичанката Љупка Настовска. Дуле е погребан на Градските гробишта во Штип.