10 тажни години од смртта на легендарниот Кемал Монтено – со неговиот Макфестовски мегахит „Кој да ти каже, Ивана“ –  многумина се вљубуваа 

490

Почина 2015 година во Загреб, по долга и тешка болест на бубрезите, не издржувајќи ја комплицираната трансплантација. Кемал Монтено беше омилен и слушан буквално насекаде, од Триглав до Гевгелија. Генијален текстописец, пејач, композитор, забавувач за широките народни маси.  Во меѓувреме кога малку заздраве ја напиша за себе песната “Вратио сам се животе“ во која ја раскажа тажната приказна за деновите поминати во болесничка постела. Неговиот татко беше Италијанец па, од тука и го имаше италијанското презиме Монтено. Мајка му беше од Босна.

Сите најпопуларни југословенски пејачи (и актери) ги пееја песните кои Монтено ги има напишано за нив, а меѓу другите тоа се и: Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Маја Оџаклиевска, Неда Украден, Арсен Дедиќ, Зафир и Сенка, Оливер Драгојевиќ, Габи Новак, Данијела Мартиновиќ, Силвана Арменулиќ, Борис Новковиќ, Северина, Драган Стојниќ, Калиопи, Мики Јевремовиќ, Ханка Палдум, Лепа Брена, Лола Новаковиќ, групата “Индекси“, Раде Шербеџија, Тома Здравковиќ…. Учествуваше секогаш со големо задоволство на скоро сите тогашни југословенски забавно-музички фестивали: Белградска пролет, Месам, Вашиот шлагер на сезоната, Опатиски, Сплитски и Скопски фестивал. На штипскиот Макфест ја испеа својата, многумина велат, најемотивна балада во кариерата „Кој да ти каже Ивана“, песна која потоа стана и македонски евергрин и со која младите се вљубуваа.

Исто така на Интернационален музички фестивал „Месам“ во Белград, триумфално како композитор победува со хитот „Мојата последна и прва љубов“, песна која и денес се пее насекаде, а која тогаш освои дури пет главни награди. Маестрално и моќно ја испеа на неговото огромно задоволство, исто така славната Тереза Кесовија.

Во 1973 година со Здравко Чолиќ замина на Песна на Евровизија со хитот “Гори ватра“ но за жал завршија на лошото 17-то место, и ако потоа песната стана многу слушана ширум Југославија.

Во својата кариера, долга околу 50 години, тој има издадено околу 50-ина мали грамофонски плочи и голем број големи ЛП-албуми. Речиси сите се продаваа во златни тиражи. Со својот медитерански шарм, со кој песните му беа обоени и со неговата босанска душа, карактеристична за севдалинки, легендарниот Монтено создаде свој оригинален музички стил, песни кои нема никогаш да се заборават, како на пример: Што сам ти скривио животе мој, Гори ватра, Лаж све је било лаж, Напиши једну љубавну, Није хтијела, Све док буде било и нас двоје, Што је љубав, Хиљаде марама бијелих, Спавај цвијете мој, а за босанската поп-група „Амбасадори“ и пејачката Исмета Дервоз ја напиша југословенската патриотска песна-химна „Земјо моја“ со која за жал, не успеа да замине на изборот за Песна на Евровизија, но песната стана една од оние која со месеци не се симнуваше од првите места на топ-листите.                                                                                             

За својот сакан град во времето на најголемата популарност ја напиша антологиската и сигурно нему најсаканата песна „Сараево, љубов моја“.                                              За жал, болеста го уништи овој генијален музичар. Беше погребан со сите почести на Градските гробишта во родното Сараево, во присуство на навистина огромен број луѓе, познати и непознати.   Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ