Џонсон се извини на израелска министерка во инвалидска количка за пристапот до COP26

54

Британскиот премиер Борис Џонсон и се извини на израелската министерка за енергија откако се пожали дека недостигот на пристап за инвалидска количка ја спречил да присуствува на самитот COP26 на Обединетите нации вчера во Глазгов.

Карин Елхарар, која има мускулна дистрофија, денеска на настанот дојде со такси во кое собира инвалидска количка. Израелскиот премиер Нафтали Бенет ја придружуваше во внатрешноста на објектот.

Елхарар вчера рече дека и е жал што не можела да дојде до конференциската сала бидејќи единствената опција да се стигне таму е пеш или да се качи во возило кое не е соодветно за нејзината инвалидска количка.

Таа денеска го придружуваше Бенет на состанокот со Џонсон на местото на конференцијата.

– Вчера дознав дека дошло до некаква забуна околу договорот. Многу, многу ми е жал поради тоа, ѝ рекол Џонсон.

Претходно, британскиот министер за животна средина Џорџ Јустис во интервју за Би-Би-Си сугерираше дека Израел можеби не ги информирал однапред домаќините за посебните потреби на министерката.

Но, портпаролот на израелската Амбасада во Велика Британија рече дека мисијата „ги пријавила сите потребни детали, како што е утврдено, во текот на изминатите неколку недели“.

Организаторите на конференцијата денеска на Твитер напишаа: „Ова беше вистинска грешка и се извинивме поради тоа. Драго ни е што (Елхарар) денеска присуствува на COP26“.