Џими Картер, најстариот жив поранешен претседател на САД и единствен што го доживеал 100. роденден, вчера го даде својот глас за претстојните претседателски избори во САД, во својата матична држава, Џорџија.
Според извештаите на повеќе американски медиуми, гласачкото ливче било оставено во поштенско сандаче на Судот во градот Америкус, а тоа го потврди и Центарот „Картер“.
Поранешниот претседател ѝ кажал на својата фамилија дека е повеќе заинтересиран да гласа за потпретседателката Камала Харис, кандидатката на Демократската партија, отколку да го прослави својот 100. роденден, објави весникот „Атланта џурнал –конститушн“.
Картер, кој го прослави стотиот роденден на 1 октомври и е во лоша здравствена состојба, изјавил дека има една, последна желба, а тоа е да гласа за Харис, на изборите на 5 ноември.
Раното гласање во Џорџија почна во вторникот, со рекорден одѕив на првиот ден, според изборните претставници.