Џез групата „Fish in Oil“ вечерва (29 февруари) ќе настапи во Јавна соба. Како што ќе посочат од Јавна соба, овој концерт се очекува да го посетат сите оние кои сакаат да слушнат автентична џез, но и воопшто добра авторска музика во опуштена атмосфера.
„Ваквите настани како концертот на Fish in Oil, ќе се случуваат сè почесто со што ќе го позиционираат Скопје на мапата на клупски концерти со квалитетна музика”, велат од Јавна соба.
„Fish in Oil“ е предводена од Братислав Браца Радовановиќ, кој е лидер и композитор на истата. Братислав се занимава со музика уште од раните деведесетти години со музичките истомисленици во Приштина. Потоа „Fish in Oil“ се собира во Белград каде и продолжува да работи само авторска музика, и созрева во сосема дефинираниот, но и исклучително разновидниот композиторски израз на Радовановиќ. Групата се појавува и на етно и други фестивали како (Балатон), Street food (Темишвар, Клуж-Напока), градските летни (Загреб, Чачак, Шабац, Крагуевац) и разни други фестивали, а покрај фестивалските настапи тука се и бројни клупски настапи во земјата и во странство, меѓу кои и Прага, Минхен, Париз, Виена. Покрај повеќето национални џез-фестивали (БЏФ, Нишвил, Нови Сад, Панчево, Крагуевац…), учествуваа и на престижните регионални џез-фестивали: Сараево џез-фестивал, Љубљана џез-фестивал, Гарана, Темишвар, Балатон, Церкно, Синѓеорз Беј, Цетиње, Подгорица, Котор, Прилеп… како и на Jazzy Colours фестивалот во Париз.
„Fish in Oil“ има објавено пет студиски албуми:
Полуостров (СКЦ Крагуевац, 2012), Дрнч (Маском, 2013), Три клуча (Метрополис џез, 2016) – двојно ЦД, Сè ќе биде во најдобар ред (Метрополис џез, 2018),Басамак (Грамофон, Сараево 2022). Од значајните домашни и странски имиња настапувале и снимале со Марк Рибот, Бојан Зулфикарпашиќ, Матија Дедиќ, Џијан Емин и Георги Шарески, Васил Хаџиманов, Јелена Попржан, Ирина Карамарковиќ, Милош Николиќ, Лука Игњатовиќ, Војно Диздар.
Актуелната постава ја сочинуваат: Братислав Радовановиќ – гитара; Ѓорѓе Кујунџиќ – саксофон; Бранислав Радојковиќ – контрабас, ел. бас-гитара, Феѓа Франклин – тапани; Александар Радојчиќ – удиралки.