Џафери-Шарец: Македонија е позитивен пример за постигнување заеднички решенија преку дијалог

57

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на Словенија, оствари средба и со претседателот на словенечката Влада, Марјан Шарец.

На средбата, како што соопшти прес-службата на македонското Собрание, Џафери изразил благодарност за постојаната поддршка што Македонија ја добива од Словенија на нејзиниот пат кон реализација на стратешките цели, притоа укажувајќи дека таа е нашиот прв промотор во Обединетите Нации во времињата исполнети со предизвици, како и дека одиграла клучна улога во промовирање на независноста на Република Македонија во Европа и светот.

Словенечкиот премиер ја поздравил храброста на Македонија за преземените чекори кон евроатланската интеграција и оценил дека Македонија е позитивен пример за постигнување на заеднички решенија преку дијалог од кои придобивка ќе имаат сите земји во регионот. Од страна на Словенија е понудена и помош во знаење и искуство во текот на интеграцискиот процес на Македонија.

Шарец изразил задоволство и што Словенија ќе биде втората земја после Грција која ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО и искажал убедување дека со овој чекор Македонија ќе започне ново поглавје на градење на европски вредности кои гарантираат подобар живот за сите граѓани и безбедност за странските инвестиции.

Од страна на претседателот на македонското Собрание е потенцирано дека по ратификацијата на Протоколот од страна на националните парламенти на земјите – членки на НАТО, се очекува Македонија до крајот на годинава или почетокот на следната година да стане 30-тата членка на Алијансата.

Џафери посочил дека парламентарното мнозинство и Владата, свесни за безбедносните предизвици во регионот и поставените стратешки цели на граѓаните, се определиле за надминување на отворените прашања со соседите. Ја поздравил визијата на Словенија за интегриран и стабилен Балкан во НАТО и ЕУ, како и заложбата за просперитетен регион без конфликти и отворени прашања. Ја потенцирал и успешноста на состаноците од Процесот Брдо – Бриони, како и тоа дека земјите учесници мора да соработуваат и да изградат меѓусебна доверба како чекор пред нивната целосна европска интеграција.

Двајцата соговорници оцениле дека односите меѓу двете земји се на високо ниво и дека има простор да се интензивира и продлабочи економската соработка.