Џафери потпиша: Албанскиот јазик е официјален во Македонија

141

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на својот официјален профил на Фејсбук објави дека го потпишал и го испратил Законот за употреба на јазиците до Службен весник. Тоа значи дека законот по објавувањето во Службен весник и официјално ќе стапи на сила, по една година откако се усвои во Собранието.

По објавувањето на законот во „Службен весник“, покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.

Сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик, исто како и владините одлуки.

Законот за јазиците беше донесен на 11 јануари 2018 година, односно на истиот ден кога во Собранието, но година дена подоцна, беа изгласани уставните измени. Законот за јазиците, до официјализирањето чекаше една година, бидејќи претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише.

Инаку, директорот на Службен Весник, Мартин Костовски, во јули минатата година по најавата на Џафери дека ќе ги прати Предлог-законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците за објавување без потпис на претседателот Иванов, за медиумите изјави дека Службен весник како институција нема да ги спречи прогресивните и напредни процеси во државата.

„Ќе се водам по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа Службен весник како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија“, изјави тогаш Костовски.